Музика
Од вителот на шоу-бизнисот до тишината на Тоскана
Познатиот музичар Стинг ги полни батериите и подготвува турнеја со симфониски оркестар
Александар Митевски
Каде славниот Стинг го наоѓа својот душевен мир? Тој вели дека тоа е тишината на неговиот имот од 900 акри во Тоскана, каде што често престојува со своето семејство. Само за неговите блиски посетители постои „Sting’s cafе“, каде што тој седи преку целиот ден, игра шах на огромна дрвена табла, ужива во рајскиот поглед со чаша квалитетно италијанско вино. Таму му доаѓаат инспирациите и идеите на овој славен музичар за неговите следни музички потфати, како, на пример, неговата веќе закажана турнеја. Да видиме за што станува збор...
Можете ли да замислите како би зазвучела Полисовата легендарна песна „Roxanne“ отсвирена од симфониски оркестар? Токму оние што ја посакувале оваа кросовер музичка комбинација, веќе имаат повод да се радуваат затоа што одамнешната идеја на Стинг веќе стана реалност со скорашното објавување на неговите планови и претстојната турнеја. Концертниот гигант „Live Nation“оваа недела објави дека се подготвува голема турнеја на легендарниот музичар Стинг со познатиот „Ројал филхармоник концерт оркестра“, која ќе се протега во Северна Америка, вклучувајќи и 18 шоуа во рамките на познатиот „Равинија фестивал“. За оваа концертна постановка, господинот Гордон Самнер (Стинг) состави вистински ударен сет од неговите класици со Полис („Roxanne,“ „Next To You“, „Every Little Thing She Does is Magic“, „Every Breath You Take“) , како и од неговиот соло-опус „Englishman in New York“, „Fragile“, „Russians“, „If I Ever Lose My Faith in You“, „Fields of Gold“, „Desert Rose“), отсвирени од страна на магичниот оркестар и извонредниот диригент Стивен Меркјурио. Ова не го прави Стинг првиот музичар што ќе ги преработи своите хитови со овој оркестар (пред него овој 45-член оркестар свиреше и со Џорџ Бенсон, Дајана Крал, Тина Тарнер и други), но ќе биде навистина извонредно и инспиративно да се слушне о��аа луксузна, кралски запакувана музичка временска машина, која ќе ја потпомогне инструментален квартет и неизбежниот Стингов гитарист, Доминик Милер.
За Стинг оваа претстојна турнеја е еден од моментите од неговиот живот на кој вистински се радува. За оваа одамнешна желба, конечно, дојде мигот кога како круна на една бравурозна кариера секој музичар посакува својот музички опус да биде отсвирен од страна на еден симфонински оркестар. Тој искрено вели дека уживал во подготовките на аранжманите и пробите, а оркестарот вистински ужива во свирењето на овие класици на кои нема да остане имуна ниту публиката. Тие имаа и аранжерска екипа од соништата, составена од аранжерските ветерани, како што се Роб Мејтс, Дејв Хартли, Винс Мендоза и Мајкл Легранд. Идејата на Стинг дошла по неговите настапи со помали оркестри во Чикаго и во Филаделфија и токму тоа бил моментот -пресвртница кога овој музичар комплетно замислил како би сакал да зазвучат неговите хитови со еден обемен оркестар од таков ранг и реноме. Тој признава дека многупати сакал да има зад себе симфониски оркестар, но неговата идеја е сосема поинаква. Имено, тој не е фан на стерилното и речиси здодевно досегашно употребување на оркестрите во функција на постојните аранжмани на песните, туку тој посакал да се вдахне нов дух во самата изведба со тоа што оркестарските инструменти ќе бидат и значаен ритмички елемент во музиката, што би ги инспирирала музички, а не само чисто дактилографски или технички. Токму затоа и тој ги повикува сите заинтересирани да слушнат нешто на што досега му се нема пријдено од таа димензија, а непресушниот каталог на хитови од Стинг е вистински предизвик за да се случи нешто музички неповторливо.
Познатиот Стинг, иако е човек што се фали дека го има зачувано својот душевен мир и сталоженост, сепак, е разгранет на повеќе страни и има многу ангажмани на кои напорно работи и се посветува и за кои признава дека ги работи со љубов. Еден од нив е и хуманитарната работа преку таканаречениот Фонд на дождовните шуми (хуманитарен фонд основан од познатиот рок-музичар и актер и неговата сопруга Труди Стајлер), кој секоја година организира голем хуманитарен концерт за прибирање средства на кој обично гостуваат врвни уметници, кои се вистински магнет за публиката. Токму сега тој е во големи подготовки на претстојниот концерт на 13 мај што ќе се одржи во њујоршкиот „Карнеги хол“. И оваа година Стинг може да се пофали дека вистински ѕвезди од рангот на Лејди Гага, Сер Елтон Џон и кабаре-ветеранката Ширли Бејзи ја прифатија неговата понуда да помогнат за прибирањето финансиски средства за неговиот фонд. Овој харизматичен господин не може ниту да дочека да дојде денот на овој предизвикувачки концерт, во кој, дефинитивно, ќе предничи ексцентричната Лејди Гага, која на големо работела на својот имиџ, костимите и сценското појавување што треба да кореспондира со насоките што ги диктира овој зелен екофонд. Стинг и неговата харизматична госпоѓа го основаа овој познат фонд во 1989 година и веќе прославуваат 21 година од неговото егзистирање. На нивните хуманитарни концерти не можат да влезат „обични смртници“ затоа што таканаречените пристапници чинат и по неколку илјадници долари што, секако, говори за влијателноста на овој фонд и успешноста на неговото долгогодишно егзистирање.
Во поглед на дискографијата, Стинг кон крајот на минатата година го издаде неговиот последен студиски албум „If On a Winter’s Night...“, вистински суптилен и концептуален албум, кој го посвети на неговото омилено годишно време - зимата. Овој негов албум е логички продолжеток на неговите музички патешествија започнати во „Лавиринтот“ и соработката со Карамазов и во него се сместени само две авторски песни на Стинг, а рестото од материјалот отпаѓа на тринаесет заспиванки, одредени божикни песни кои ги испродуцира познатиот Роберт Сардина под етикетата на Дојче Грамофона. Се чини дека овој експериментален проект на Стинг е неговиот нов издувен вентил преку кој ги остварува своите дамнешни желби (како онаа со симфонискиот оркестар) и тука е вистински импровизатор за разлика од цврстото тло на поп-рок музиката каде што е неприкосновен. Иако ќе речете дека се' што носи етикета на Стинг, по автоматизам ќе се продава и се разграбува, сепак, неговите верни фанови не се многу воодушевени од овие лавиринтски музички нејасни излети на забрадениот рок-јунак и неговата лаута. Но, би рекле дека тој игра навистина умно и прецизно во полето на маркетингот и дозирање на неговите желби и на кариерата, па така секогаш кога ќе згусти со неговиот имиџ, популарност и продажба, тој го облекува кожниот костум, го зема басот и отсвирува во една од најплатените ријунион турнеи на сите времиња или ги свири познатите хитови на „Полис“ со симфониски оркестар. Сепак, се забележува недостигот од негов авторски материјал уште од „Sacred Love“ и далечната 2003 година, па загрижените фанови вистински се молат да се врати авторската харизма на познатиот господин Самнер и неговите напишани вонвременски хитови.
Во неговиот херметички затворен приватен живот вели дека го наоѓа својот душевен мир од вителот на динамиката на шоу-бизнисот. Кога ќе се врати во Тоскана, се смирува со жиците на својата лаута, го свири Бах, ужива во меланхоличниот Џон Доуленд и вежба јога со својата сопруга Труди. Откако Стинг го запозна Дени Перадајс кој во 1990-та кој му ја вдахна љубовта кон јогата, оттогаш до денеска е заљубен во јогата до крајни граници. Се чини дека е тоа нивната главна преокупација и тие заедно говорат за јогата и душевниот мир во еден од нивните продавани инструкционални дивидија што ги издаваат. Тие признаваат дека фитнесот, здравиот живот и јогата играат значајна улога во нивниот живот и тоа не го велат само за потребите на популаризација на јога-дисковите. Стинг признава дека е во поодминати 50. години, а се занимава со работа за помлади, така што едноставно мора да биде фит и да се одржува убаво. Тој се сеќава дека уште како млад љубовен пар тие и обајцата биле атлетски градени, а сега и во годините на нивна зрелост изгледаат приближно, свежо и здраво и тоа мора да им се признае. Во инструкционите видеа за здрав живот, вежби и јога Труди има помош од познатиот личен тренер на многу популарни личности Џејмс да Силва, а во позадина на вежбите оди специјално селектирана и преработена музика од Стинговиот релаксирачки албум „Songs from the Labyrinth“. Интересно е што целиот серијал на дивидија е снимен на нивниот приватен имот во Тоскана, Ил Палаџо, вистинска фарма на која се создава органско маслиново масло, органско овошје и зеленчук, органски мед и вино. На овие видеа можете да ја забележите инспиративната италијанска околина во која живеат Стингови во својата таканаречена еколошки создадена куќа, која се одржува исклучиво со помош на биогорива, а можете да погледнете и како овој пар готви и се храни здраво. Интересен податок е дека Стинг вметнал некои аспекти од вегетаријанската исхрана и сега јаде месо, но кое сам го одгледал на својот приватен имот. Тој обожува да игра шах и да гледа фудбал. Во 2000 година шаховски се соочи со својот идол легендарниот Каспаров заедно со своите бендовски колеги Доминик Милер, Џејсон Ребело, Крис Боти и Рас Ирвин, кои шаховскиот херој ги победи во симултанка за само 50 минути. Инаку Стинг е огнен навивач на тимот на Њукасл Јунајтед на кои им напиша клупска химна во 1998 година.
Сепак, за овој екстравагантен пар се шушка дека води ѓаволест сексуален живот затворен зад капијата на својот дом. Новите шушкања стигнаа по повод продажбата на нивниот имот на Менхетн за околу 19 милиони долари во кој останале многу сексуални тајни меѓу ѕидовите. Тоа не случајно се кажува, затоа што познатиот пар во 2007 година се пофали дека во тој апартман тие уживале во својата опсесија - тантрички секс, а многу се зборуваше дека тие приредувале и свингерски оргии и забави. Тие подоцна демантираа дека, наводно, не биле разбрани правилно, но веќе беше доцна. |