Сцена
Диџеј Шорти П и Панчо од ДНК не се ривали
За некои е еден од најбараните домашни диџеи, а други, пак, го обожаваат како идеална половина од дуото ДНК, во кое членува и неговиот „помлад бра“ Андреј
Катерина Шекеровска
Некои го препознаваат како диџеј Шорти П ака Панчо, еден од најангажираните домашни диџеи, а други, пак, го обожаваат Панчо, идеалната половина од дуото ДНК, во кое членува и неговиот „помлад брат“ Андреј. Шорти П и Панчо не се ривали, напротив, си помагаат еден на друг и паралелно ги реализираат своите кариери. Додека Шорти се подготвува за следниот клупски настап, ДНК брои ситно пред излегувањето на новиот албум, што ќе биде промовиран за дваесетина дена.
Наскоро ќе промовирате нов албум со ДНК што го најавувате со атрактивен и провокативен видеозапис за синглот „Спонзоруша“. Што ве натера да се разголите пред камерите, ќе се продава ли така албумот подобро?
Спотот ќе има две верзии, но ние нема во ниту една да се разголиме. Ќе се разголи една наша позната стриптизета, додека ние ќе бидеме во облека до гуша! Инаку, албумот не може да се продава подобро само поради една песна. Склопот на песни и долготрајната макотрпна работа ќе биде најпроверениот модел досега. Новите песни на албумот ќе се разликуваат од досегашните и ќе имаат малку повеќе експлицитни зборови, но жаргонски, односно што сленговски се употребуваат во секојдневието.
Завидна бројка на песни, 18 плус актуелни хитови „Полна месечина“, „Таа тоа го крие“, „Навлечен на тебе“... ќе бидат дел од новото цеде. Колку долго се снимаше, кој работеше на него и што е она што вашите фанови ќе може да го слушнат на новиот носач на звук?
Да, точно така, бројката е завидна. Но, со оглед на тоа што се подготвува спонтано, а тоа значи три години и бројката е импозантна. Темите како „Таа тоа го крие“, „Полна месечина“, „Навлечен на тебе“, „Пази се од мене“, „Змеј“ ќе бидат само проверени хитови на едно мес��о, додека „Спонзоруша“, „Jump“, „Пука“, „Дали би“, „Љубовта“, „Кажано е се'“, „Отровна“ се сосема нови песни. Имавме уште две, но тие нема да ги собере на цедето, па ќе ги чуваме во фиока за наредниот албум, што ако оди како досега ќе излезе за наскоро. Само да сме живи и здрави и се' ќе биде ОК. Албумот е работен со Раде Врчаковски- Врчак, кој се јавува како комплетен продуцент и тој има најголем удел и заслуга за тоа што ДНК е денес. Имаме песна од двајца реномирани поранешни ју-продуценти, како што се Марвел од Хрватска и Релја (член на хип-хоп составот ВИП) од Белград. Текстовите на постарите и веќе слушнати песни се на Врчак, а новите се мои. Фановите ќе ги освојуваме, пред се', со искреност кон нив. Поради нив ДНК постои.
Полесно функционирате под закрила на продукцијата „Република“? Ви се олесни ли работата со влегувањето во оваа куќа?
Дефинитивно ни олесна. Има луѓе што се грижат за нашите настапи и ПР. Тоа се Марина, Стефан и Денко. Едноставно, работата е поделена и премногу ни е олеснето. Наша задача е да се фокусираме на креативниот дел, односно на правењето хитови!
Која е тајната на успешното опстојување на Панчо и на Андреј? И кога ќе се завртите назад - што би сакале да го поправите или да го избришете?
Нема тајна. Андреј е мој помал брат што секогаш сум сакал да го имам. Искреноста и довербата еден кон друг е единствен рецепт. Ништо не би сакале да избришеме од минатото, едноставно сакам во иднина да бидеме полоши и позлобни т.е. саможивници и дволични како голем број луѓето од естрадата што ги познаваме. Но, ете ние не сме такви, не сме скроени така, па затоа и ќе си ги кинеме нервите и ќе си земаме се' при срце.
Диџеј Панчо моментно е еден од најактивните диџеи во земјава. Се сеќаваш ли воопшто на првиот диџејски настап и воопшто како тргна приказната со пуштањето музика и доаѓањето до моментот Панчо да биде еден од најбараните аренби и хип-хоп диџеи во земјава?
Тоа е исто како да ме прашате дали се сеќавам на мојот прв бакнеж... Дефинитивно, моето прво искуство за (не)среќа беше во сега непостојниот клуб МНТ и тоа веднаш пред 1.000 луѓе. Буквално бев под стрес и не знаев како ќе се снајдам. Но, ете помина и тоа, па диџеј Шорти стана тоа што е денес. Се разбира, со многу труд, преслушување на музика, нервози, инвестиција во опрема и трпеливост.
Патем, и мојата радиоемисија „Зип зап шоу“, што ја водам заедно со добрата пријателка Маја Саздановска и која се емитува веќе четврта година на најдоброто радио во македонскиот етер „Антена 5“, секоја недела од 22 до 24 часот, ми помогна да се здобијам со самодоверба и да ги наметнувам песните кон слушателите и аренби клупските луѓе што доаѓаат на моите диџеј сетови.
Каква е клупската сцена во земјава? Што се случува во другите градови?
Дефинитивно, пред да се прогласи рецесија и да се донесе Законот за непушење на јавни места, забавите беа многу подобри и попосетени. Сега аренби и хип-хоп музиката е маин стреам за разлика кога јас почнував пред седум години. Имам донесено многу еминентни имиња за подобрување на хип-хоп сцената кај нас во Македонија и мислам дека мојата организација „Sure Shotz Entertainment“, во која членуваат моите добри пријатели: диџеј Давор , диџеј Irie Screach и Цуци има голема заслуга за промовирање на оваа култура.
Скопје дефинитивно е мој мал Њујорк, но не се за фрлање и останатите поголеми градови во земјава како што се Битола, Охрид, Велес, Штип...
Се меша ли диџеј Шорти во работата на Панчо од ДНК и обратно?
Па, искрено само си помагаат еден со друг... Диџеј Шорти беше тоа што е сега и го достигна врвот во диџејството пред ДНК да стане популарен кај публиката. Никогаш не сум го променил ниту односот ниту, пак, хонорарот кон диџејската професија. Јас едноставно живеам за луѓето и фала му на Бога што ми ја дал оваа дарба да ги забавувам луѓето и да ги правам среќни, да изнудувам насмевки на нивните лица. Иако не е толку едноставно некогаш кога јас се чувствувам лошо, а имам настап со ДНК или диџеј сет... Но, тоа луѓето не ги интересира. Тие се дојдени да го видат диџеј Шорти П ака Панчо во топ-форма. И им ветувам дека додека го работам тоа секогаш ќе биде така.
Малку за интимните работи. Дали е Панчо соло или е во врска? Му признал ли некому дека го сака?
Неизбежно новинарско прашање! Ме поврзуваа со Натали Грубовиќ, па со Сузана Гавазова, па со уште многу други девојки. Но, никој не ја знае вистината, а нема да откријам ни овојпат. Само ќе кажам дека Панчо е вљубен и тоа многу! А тоа се моите фанови и публика!
Колку често си на „Фејсбук“ и колку тоа ти помага реално да ги слушнеш критиките на своите фанови – и оние од клубовите и оние што го слушаат ДНК?
Бидејќи многу време работам на компјутер, ФБ-профилот ми е постојано вклучен, па можеби и помислуваат дека сум ФБ фрик! Дефинитивно, се обидувам да му вратам секому и тврдам дека на секоја моја добиена порака во инбокс враќам ако не веднаш, тогаш кога ќе имам време. Враќам и на добри и на лоши коментари. Критиките ги прифаќам. Ако се добри, драго ми е, а ако се лоши се обидувам да ги прегледам и да се подобрам. Секако, ако се реално кажани.
Функционира ли се' уште „новата градска линија“? И колку беше исплатливо отворањето на кафулето „Автобус“?
Мојата автобуска линија веќе се затвори. Едноставно и најреално, киријата беше превисока и имавме многу лоши соседи што ни правеа разни притисоци, па со моите тогашни партнери донесовме заедничка одлука да го затвориме „Автобус“ и да си ги поштедиме нервите за некои потешки денови. Во секој случај беше едно ново искуство и лекција во животот. И нормално животот продолжува понатаму...
Што е она што можеш да го најавиш како наредни проекти и планови?
За првпат направивме солистички концерт пред скопската публика во клубот „Колосеум“ на 26 февруари годинава. На наше огромно задоволство клубот беше исполнет до последното место, па поради големиот интерес сите сепариња беа тргнати надвор, а во бројки - преку влезната врата поминале точно 2.980 луѓе. Утредента кога се разбудив му се заблагодарив на Господ и едноставно мотивацијата и инспирацијата за новите текстови и битови беа многу поголеми, па ќе имате шанса да не' оцените по дваесетина дена од ова интервју кога ќе бидете гости на промоцијата на нашето прво дете... |