Словачки автобус се преврти во Хрватска, 14 мртви
Причините за несреќата се утврдуваат, првично возачот заспал зад воланот
Четиринаесет патници, а дваесетина се повредени во тешката сообраќајна несреќа што се случи во неделата околу 6 часот на автопатот Загреб - Сплит кај Госпиќ. Автобусот со 49 словачки патници, кои оделе на одмор во Водице, најнапред удрил во челичната ограда на колникот, кршејќи дваесет метри ограда, а потоа и во бетонскиот столб на надвозникот кај одморалиштето Зир. Единаесет патници починале на самото место, а другите тројца во болницата во Госпиќ. Причините за несреќата се утврдуваат, а првичните резултати од истрагата велат дека возачот на автобусот, најверојатно, заспал зад воланот.
„Тројца тешко повредени патници, откако им беа извршени операциите, се префрлени во болницата Дубрава во Загреб. Шеснаесет патници се политрауматизирани и прашање е како ќе се одвива нивната состојба“, изјави директорката на болницата во Госпиќ Марија Вркљан - Илиевски за хрватските медиуми.
Според полицијата, возачот на автобусот, кој исто така загина, изгубил контрола врз возилото и излетал од патот.
„Да не беше навремена реакцијата, бројката на загинати ќе беше многу поголема. Сите расположливи сили беа активиран и со тоа беа спасени многу животи“, изјави хрватскиот министер за здравство Дарко Милионовиќ. Повредените биле пренесувани во болница со хеликоптер, а пожарникари ги ваделе смачканите патници во автобусот. Спасувачите сведочат за страшната глетка што ја затекле.
„Уште се слушаа последните крици на беспомошните луѓе, здробени под тоните железо. За нив смртта беше неизбежна“, вели еден од пожарникарите.
На местото на несреќата веднаш пристигна и словачкиот министер за надворешни работи, кој по големиот шок, изрази благодарност до хрватските власти за огромната помош и грижа. Сочувство до семејствата на загинатите изразија и претседателот на Хрватска Стипе Месиќ и премиерот Иво Санадер. (У.В.) |