Затвор за докторот што работел во „гаража“
МАРСЕЈ - Французинот кој тврдеше дека е еден од водечките козметички хирурзи во светот, но, всушност, ги осакатуваше пациентите, е осуден на казна затвор. Судијата од судот во Марсеј соопшти дека Мишел Море „практикувал медицина во гаража, што е знак за наполно невнимание кон другите“.
Море е осуден на четири години затвор, од кои една година условно. Тој се' уште е во притвор во Шпанија, каде што беше уапсен откако побегна додека чекаше казна. Се очекува да биде вратен во Франција за издржување на казната. Шпанските власти се' уште го разгледуваат барањето за екстрадиција.
Море исчезна по судењето во Марсеј во јуни кога беше обвинет за лажно рекламирање, измама и предизвикување ненамерна повреда. Тој беше уапсен во Росас, североисточна Шпанија, минатиот месец откако беше забележан на луксузна јахта.
Море беше квалификуван лекар, но не и пластичен хирург. Тој беше избришан од францускиот медицински регистер во јануари 2007 година по бројни поплаки за неговите постапки. Работеше илегално од 1995 година, истакнуваат иследниците. Против Море (59) имаше 96 поплаки од поранешни пациенти, меѓу кои тврдењата дека извршувал болни постапки под локална анестезија, во нехигиенска клиника. (Би-Би-Си) |