Леброн Џејмс го избра Мајами
Заедно со Вејд и со Бош во тимот, „жешките“ кандидати за титулата во НБА
Леброн Џејмс објави дека заминува од Кливленд за да им се придружи на Двејн Вејд и на Крис Бош во Мајами следната сезона, завршувајќи ја со тоа една од најголемите трансфер-саги во американскиот професионален спорт. Иднината на најкорисниот играч во НБА-лигата во последните две сезони беше предмет на интензивни шпекулации во САД во последните неколку месеци, а тие доживеаја кулминација во периодот за трансфери на слободните играчи што почна минатата седмица. Џејмс и неговиот менаџмент го распламтија огнот со чувањето во тајност на нивните планови се' до специјалното едночасовно шоу во живо на националната телевизија ЕСПН, во кое тој го откри идентитетот на својот нов тим.
„Ќе го понесам мојот талент на јужниот брег и ќе му се придружам на Мајами Хит“, и' се обрати тој на мала група луѓе во еден клуб во Гринвич, Конектикат, педесетина километри североисточно од Њујорк.
Џејмс беше член на Кавалирси уште откога тие го ангажираа како прв пик на драфтот во 2003 година, но се очекуваше да ја смени средината веднаш штом ќе стане слободен играч по истекот на договорот на крајот од минатата сезона, предизвикувајќи „тепачка“ кај клубовите заинтересирани за неговите кошаркарски услуги.
„Сакам да ја освојам титулата и чувствувам дека ќе можам да играм значајна улога таму долу“, изјави тој.
Шест тима, и тоа Мајами, Кливленд, Чикаго, Њујорк, Њу Џерси и Лос Анџелес Клиперс излегоа со понуди до Џејмс, но решавачка се покажа можноста да игра заедно со Вејд и со Бош. Тоа трио ги предводеше САД до златниот олимписки медал во Пекинг пред две години и се зборуваше дека уште тогаш се договориле да заиграат заедно во НБА откако сите тројца ќе станат слободни играчи на крајот од минатата сезона. Можноста се доближи до реализација во средата со објавата од Бош дека го напушта Торонто за да му се придружи на Вејд во Мајами.
„Потезите што ги направи Мајами за да ослободи простор во селари капот и со тоа да си овозможи летово да не' доведе сите тројца беше тешко да се игнорираат. Другите двајца се едни од најдобрите играчи во моментов во НБА и заедно со мене го прават Мајами навистина добар тим.
Во сенка на мегатрансферот на Леброн Џејмс помина засилувањето на Чикаго со моќното крило Карлос Бузер. Тој имаше просек од 19,5 поени, 11,2 скока и 3,2 додавања минатата сезона во Јута, во која ги помина последните шест години. |