Судир за бесмртноста
Шпанија и Холандија в недела (20.30 ч.) ќе играат во финалето на СП во Јужна Африка, во кое ќе трагаат по првата мундијалска титула
Сашко Ѓ. Димовски
Шпанија или Холандија? - Тоа е дилемата со која е преокупираната планетарната јавност, посебно фудбалската, пред неделното финале на 19. Светско првенство во Јужна Африка, осмо во историјата во кое, за драгоцениот пехар, ќе се надигруваат и надмудруваат две европски репрезентации. Кои и да победат ќе станат првите Европејци-освојувачи на мундијалски трофеј на првенство организирано надвор од границите на стариот континент. За конечниот епилог им е сеедно на оние неутралните фанови на најважната споредна работа во светот чии фаворити на СП 2010 веќе испаднаа, но никако на сонародниците и навивачите на финалистите. Шпанците го чекаа и, конечно, го дочекаа денот во кој ќе имаат прилика да ги бодрат своите фудбалски херои во едно мундијалско финале наспроти двете кои веќе ги одиграа Холанѓаните. Затоа и едните и другите со свои сметки и адути ќе истрчаат на „Сокер сити“ во Јоханесбург во недела во 20.30 часот. „Фуријата“ за своја гордост, за гордоста на нацијата и за обединување на фудбалските титули (континенталната и планетарната) што досега не и' успеало на ниту една друга селекција. „Лалињата“, пак, за осветување на генерацијата на Јохан Кројф која двапати стигнуваше до последното скалило на СП и двапати не успеваше да го искачи (загубија на СП 1974 од тогашна Западна Германија и на СП 1978 од Аргентина). Меѓутоа непобедлив може да биде само еден. Тоа е Холандија затоа што не само што победи во сите натпревари во Јужна Африка туку триумфира и во сите осум квалификациски меча во групата во која бевме и ние. Со вакво нешто може да се пофали само Бразил, кој со таков стопроцентен ефект стана светски шампион во 1970 година.
Светот е пред фудбалска пресметка на два тима со слична фудбалска филозофија на теренот. И едните и другите играат со двајца офанзивни бекови кои постојано вршат притисок врз противникот, и едните и другите имаат по двајца фудбалери од вонсериска класа поставени пред дефанзивната линија и едните и другите со извонредно убиствени напаѓачи.
Во срцето на шпанската одбрана е тандемот Карлес Пужол и Жерар Пике, еден од најсолидните дефанзивни тандеми на ова СП што прими само два гола (двата во фазата по групи, еден од Швајцарија и еден од Чиле) во шесте меча на патот до финалето. Двајцата се страшно силни кога се селат на противничката половина, Пужол при прекините, а Пике, пак, честопати сака да се приклучи кон соиграчите за врска. Десно и лево од нив се Серхио Рамос и Хоан Ка��девилја кои постојано се ориентирани кон напад.
Идентична е приказната и со холандскиот состав во кој Џони Хеитинга и Јорис Матијсен ја формираат централната дефанзивна линија заедно со Грегори ван дер Вил и Џовани ван Бронхорст по страничните позиции кои, многупати досега покажаа дека повеќе мислат на напад, и можат и тоа како да бидат опасни, отколку на одбрана.
За разлика од составот на „фуријата“ што на ЕП 2008 ја освои титулата, Дел Боске овојпат го нема само Марко Сена. Неговата задача во средината на теренот им е поделена на Серхио Бускетс и Чаби Алонсо и притоа одлично се носат со предизвикот да одговорат на селекторските замисли што најчесто му беа доверени на Сена иако нападот, реализаторски, нешто помалку се истакна одошто беше случај во Австрија и Швајцарија пред две години.
Шпанскиот напаѓачки двоец, Чави и Иниеста, се двајца од најдобрите светски играчи кои успеаја да ги пробијат и урнат трите најцврсти дефанзивни линии на Мундијалот, оние на репрезентациите на Португалија, Парагвај и Германија. На спротивната страна е Марк ван Бомел, кој поседува неверојатен талент да се справи со задачи во кои други играчи би можеле да потфрлат. Важи за холандски пес-чувар на средината на теренот во што ужива голема помош од Најџел де Јонг. Надополнети со двајцата офанзивни бекови, Ван Бронхорст и Ван дер Вил, и Ван Бомел и Де Јонг имаат извонредно значајна улога во составот на Берт ван Марвијк.
„Лалињата“ не отстапуваат од напаѓачкото трио Арјен Робен (десно), Дирк Кајт (лево) и Весли Снајдер (средина). Робен е постојана закана за противничките голмани кога топката ќе му „легне“ на лева, Кајт воопшто не изгледа задоволен и вклопен во тимот кога е само по левата страна, па затоа постојано втрчува кон средината наместо да шири по страна. За Снајдер е непотребно да се трошат зборови што се може на тревникот.
Робин ван Перси е осамениот човек во нападот на Холандија. Дури и кога не му е денот има важна ролја како разбивач на противничката одбрана и најчесто знае да се вклопи во комбинацијата Робен-Кајт-Снајдер која е веднаш зад него.
Шпанија, во полуфиналето против Германија, во нападот го имаше Давид Вилја, Педро како поддршка од спротивната страна. Фудбалерот што ја урна Португалија, Парагвај и Германија повеќе преферира да игра на лево наместо како класичен шпиц. Затоа Фернандо Торес претставува и останува опција за конвенционален централен напаѓач ако „фуријата“ и Дел Боске изразат подготвеност да се коцкаат со неговата форма.
Според имињата и квалитетот на играчкиот кадар што го поседуваат и Шпанците и Холанѓаните со право се очекува отворен меч, игра за око, брзи и прецизни додавања, шанси и голови. |