Кевендиш ги замолкна критичарите
Британецот Марк Кевендиш ги замолкна своите критичари и ривалите со победата во масовниот спринт во финишот на петтата етапа на Тур де Франс, долга 187,5 км. Кевендиш, кој лани освои шест етапи и четири една година претходно, беше бледа сенка од почетокот на најпрестижната велосипедска трка во светот, паѓајќи во ��рвата етапа до Брисел, а изгуби и во спринтерскиот дуел со Алесандро Петаки во четвртата етапа. Конечно, 25-годишникот, кој на почетокот на сезоната имаше проблеми со дентална инфекција, ги распрсна сомневањата со голема помош и на колегите од тимот Колумбија. Ова е четврта победа за Кевендиш сезонава и 57. во кариерата.
Второто место го освои Германецот Гералд Циолек, а трет финишира Едвалд Боасон-Хаген од Норвешка. Швајцарецот Фабијан Канчелара ја зачува жолтата маичка по разумно мирното возење на сончевото и жешко време.
Бегството на тројца од водечката група, вклучувајќи ги шпанскиот шампион Хосе Иван Гутиерез, Белгиецот Јирген ван де Вале и Французинот Жилиен ел Фарес, беше анулирано три километри пред целта.
Резултати од петтата етапа: Марк Кевендиш (В. Британија/ХТЦ Колумбија) 4:30,50 ч., Гералд Циолек (Германија/Милрам) исто време, Едвалд Боасон-Хаген (Норвешка/Тим Скај) исто време итн.
Вкупен поредок: Фабијан Канчелара (Швајцарија/Саксо банк) 22:59,45 ч., Џерент Томас (В. Британија/Тим Скај) +23 сек., Кејдел Еванс (Австралија/БМЦ Рејсинг) +39 сек. итн. |