Карабах, сепак, висока пречка во евродебито на Металург
„Железарци“ одиграа 1:1 во реваншот со азербејџанскиот тим и по поразот во Баку од 4:1 се збогуваа со Лига Европа
Металург експресно се прости со Европа. Минусот од Баку (1:4) се покажа преголем за „железарци“ во реваншот со Карабах во Скопје. Одиграа само 1:1, премалку за обезбедување двомеч со претставникот на Северна Ирска, Портдаун, во второто квалификациско коло за Лига Европа.
Желба да се мине првата пречка имаше, но идеја како да се пробие патот до голот на Азербејџанците не. И додека составот на Тасевски се обидуваше да ја погоди целта со удари од далечина и, најчесто, со слабо нафрлени топки, Азербејџанците го бараа тоа преку контранапади. Еден им „запали“ во средината на второто полувреме. Домашната одбрана беше немоќна да ја стопира акцијата, егзекутор беше Имамалиев во 67 минута. На крајот, сепак, Металург се погрижи да не се раздели со Европа без „испукан куршум“ пред своите гледачи. Само што влезе во игра, младиот Марко Симоновски „спушти“ една нафрлена за Миле Крстев кој биеше од прва и со помош на левиот дирек ја смести топката зад грбот на Валиев.
Металург - Карабах 1:1
Полувреме: 0:0. Национална арена: „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 600. Главен судија: Андриј Шандор. Помошници: Виталиј Пономаров и Виктор Кравченко (сите тројца од Украина). Жолти картони: Ѓуриќ, Кралевски (Металург) - Гараев (Карабах). Стрелци: М. Крстев во 76 минута за Металург - Имамалиев во 67 минута за Карабах.
Металург: Ников, Кралевски, Вајс, Дамевски, Петковски, Демири, Митрев (Тенекеџиев), М. Крстев, Ѓуриќ (Михајловиќ), Костенцовски, Костовски (Симо��овски). Тренер: Жикица Тасевски.
Карабах: Валиев, Гараев, Хашимов, Медведев, Р. Садигов, Јусифов (Каримов), Имамалиев, Абасов, Р. Садигов, Исмаилов (Мамадов), Адамија (Надиров). Тренер: Гурбан Гурбанов. (С.Д.) |