За државјаните на ЕУ влез со лична карта
Белград - Врз основа на барањето на повеќе амбасади на земји-членки на Европската унија, српската управа на граничната полиција им наложи на сите гранични премини на државјаните на ЕУ да им се овозможи преминување преку територијата на Србија со лична карта, без патни исправи, соопшти денеска началникот на таа управа, Ненад Бановиќ.
Поради ерупцијата на вулкан во Исланд и облакот вулкански прав што се наоѓа над Европа, запрен е авиосообраќајот на сите европски дестинации, така што државјаните на ЕУ не се во можност да се вратат во своите земји со авионски превоз, туку се принудени да користат алтернативни превозни средства.
Државјаните на земјите на ЕУ не се должни при патувањата во други земји-членки на ЕУ, освен лична карта, да носат и пасош.
Оваа одлука е донесена од хуманитарни причини и ќе важи се' до воспоставувањето редовен авионски сообраќај на територијата на ЕУ, е наведено во соопштението. (МИА) |