Полјаците се простија од Качињски
КРАКОВ - Во катедралата „Вавел“ во Краков вчера беа погребани полскиот претседател Лех Качињски и неговата сопруга Марија, кои загинаа на 10 април во авионска несреќа кај рускиот град Смоленск. Погребната миса ја отслужи специјалниот пратеник на папата Бенедикт Шеснаесетти, кардиналот Анџело Содано.
На погребот беше најавено присуство на неколку десетици светски лидери, но поради застојот во европскиот воздушен сообраќај, предизвикан од вулканот на Исланд, многумина од нив ги откажаа доаѓањето во Краков. Присуството на погребот го откажаа американскиот претседател Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел, шефот на француската држава Никола Саркози, британскиот престолонаследник принцот Чарлс, кралевите на Шведска и на Шпанија, Карл Густав Шеснаесетти и Хуан Карлос, канадскиот премиер Стивен Харпер, како и претседателите на Македонија - Ѓорге Иванов, на Австрија - Хајнц Фишер, на Финска - Тарја Халонен и на Ирска - Мери Мекалис. Поради проблемите во авиосообраќајот, присуството на погребот го откажаа и делегациите од Хрватска, Индија, Јапонија, Северна Кореја, Мексико, Нов Зеланд и од Пакистан. Чешкиот претседател Вацлав Клаус допатува во Краков со воз, словачкиот Иван Гашпарович со автомобил, а на ваков начин дојдоа и лидерите на балтичките и на балканските земји, освен претседателот Ѓорге Иванов, кој го откажа патот.
Погребната миса се одржа во базиликата „Св. Богородица“, готска црква од 13 век, на пространиот плоштад во стариот град на Краков. Внатре во црквата, голем дел од политичката елита на Полска седеше во старите црковни клупи, рамо до рамо со лидерите на Естонија, Белорусија, Ерменија, Латвија, Литванија и Украина. Ќерката на Качињски, Марта, и братот-близнак на претседателот, Јарослав, седеа во првиот ред додека се свиреше „Реквием“ на Моцарт.
По мисата, телата на претседателската двојка требаше да бидат пренесени во погребна поворка низ сликовитиот ренесансен стар град, а потоа на ридот Вавел, историското кралско седиште каде што ѕидовите на тврдината опкружуваат замок и илјадагодишна катедрала што гледа над реката Вистула. |