Број 3261  понеделник, 19 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Свет

Германија веќе не е спасител на ЕУ

Германците сега да се однесуваат нормално т.е. тесно национално, како и останатите во Унијата

ПАРИЗ - Франција и Германија традиционално беа мотор на ЕУ, но односите меѓу двете земји се сериозно затегнати поради должничката криза на Грција. Со Ангела Меркел на власт Германците сега се поподготвени да дадат отпор на барањата на Европа и да ги бранат сопствените интереси.

„Има тектонски промени на начинот на кој Германија реагира во Европа“, вели Улрике Геро, истакнат истражувач во Европскиот совет за надворешни односи. Германците, вели таа, „зборуваат дека сега се однесуваат нормално, како и останатите, а тоа значи тесно национално“.

Европската унија се соочува со сериозна криза околу финансирањето и нејзината валута, еврото. Меѓутоа, Франција и Германија, исто така, имаат големи несогласувања во политиката кон Русија, Кина и кон Иран, така што се' потешко се доаѓа до кохерентна европска надворешна политика во однос на мноштво клучни прашања.

Французите и Германците имаат поинакви погледи за тоа како Европа и еврозоната, 16 држави што го прифатија еврото како своја валута, треба да се водат. Германија, долго време финансиер на ЕУ, стави јасно до знаење дека веќе нема да плаќа за грешките и за измамите на другите.

Франција стави многу посилен акцент на европското единство и гордост, обидувајќи се да избегне инволвирање на мултилатералните институции како ММФ во иднината на еврото, истакнат симбол на европскиот предизвик на надмоќноста на САД. „Германија веќе не е моторот, срцето и спасителот на Европа“, изјави Констанц Штелценмилер, истакнат член на германскиот Маршалов фонд во Берлин. „Ова не е Европа кон која се приклучивме. Ова е нешто многу поголемо, многу посиромашно и ние треба да се грижиме за себе“.

Германија секогаш постапуваше во согласност со сопствените интереси, вели Геро, но тие беа сфаќани како сублимирани во ЕУ и во НАТО, двете поствоени мултилатерални институции што ја заштитуваа новата демократска Германија и ги држеа под контрола нејзините амбиции. Сега Германија појасно се врти кон Русија за енергија и комерцијални интереси, вели таа, правејќи ги своите европски и американски партнери повознемирени. Пред самитот на ЕУ во Брисел што се одржа во март за кризата во Грција, францускиот претседател Никола Саркози, наводно, бил гневен, поради неможноста да изврши притисок врз Меркел да даде поексплицитно ветување за помош на Грција. Саркози му се развикал на претседателот на ЕУ, Херман ван Рампуј, кого го повикал во Париз, изјавија претставници на Унијата. Тој му се заканил дека ќе го бојкотира самитот, додека мрморел дека Германците „не се променија“.

И Меркел и Саркози ги смирија емоциите, но германската канцеларка ја задржа својата позиција - дека германските даночни обврзници не треба да страдаат поради грчкото погрешно стопанисување и немарноста и воедно да воспостават преседан за идните спасувања на други послаби медитерански земји, како Португалија, Шпанија, па дури и Италија. Нејзиниот став, кој вклучуваше улога за ММФ, предизвика огорченост во остатокот од еврозоната, навикната на жртвувањата на Германија за поголеми европски политички и економски цели.

Со неолибералниот коалиционен партнер Слободни демократи и со приближувањето на важните избори што треба да се случат во мај во Северна Рајна Вестфалија, што би можело да ја чинат нејзината владејачка коалиција со контролата во Горниот дом во Берлин, Меркел застана зад интересите на Германија и за тоа беше пофалена дома. Таа, исто така, ги наведе уставните ограничувања како аргумент Германија финансиски да помага други земји.

Критиката на германската економска политика „го изразува неспокојството на Франција кон се' поголемиот јаз меѓу двете економии и, генерално, кон оваа нова Германија без која повеќе ништо не е можно во Европа, која изгледа се' помалку подготвена на компромис ако тоа не е во нејзин национален интерес“, напиша Жак Пјер Гугон, експерт за Германија во францускиот Институт за меѓународни и стратешки односи, во весникот „Ле монд“.

Во центарот на несогласувањето е еврото. Французите го гледаат како валута на новата, обединета Европа, додека Германците како директен наследник на марката, а Европската централна банка како задржување на ДНК на Бундесбанк, чија главна задача беше да ја држи инфлацијата на ниско ниво. Французите се повеќе за една европска економска власт со полабави правила за дефицитите, додека Германците немаат намера да се откажат од економскиот суверенитет во однос на никого, а уште помалку поради Французите.

На пример, околу грчката криза Германија инсистираше секоја помош за Грција да дојде како последна опција, а во кредитниот пакет договорен во неделата се инсистираше на тоа Грција да плати забележителна казна во каматни стапки. Ова беше во голема мера во согласност со директивите на Меркел и не претставува субвенција за Грција, вели Томас Клау од Европскиот совет за надворешни односи. „Поголема е веројатноста дека германските даночни обврзници ќе профитираат од овој договор отколку што ќе изгубат нешто“, додаде тој. Германија, исто така, реагираше разлутено и дефанзивно на умерените француски сугестии дека германскиот извозен модел мора да се промени во интерес на другите, понеконкурентни земји од еврозоната и оти Германците треба да трошат повеќе пари за купување производи од нивните не толку успешни соседи.

Германците, кои веќе спроведоа болни структурални реформи и платија висока цена за да ја интегрираат поранешната Источна Германија, велат дека се чувствуваат како „да плаќаат забележителна лична цена“, вели Клау. „Сиромаштијата е значително зголемена во Германија и сега таа е социјална реалност. Тоа ја прави Германија да биде повеќе насочена кон себе отколку старата Западна Германија и да биде подефанзивна земја“.

Дел од промените се генерациски, со Меркел која порасна во Источна Германија, претставувајќи ги оние што се родени по Втората светска војна. Членовите на парламентот се дури и помлади, повеќето од нив биле тинејџери или помлади кога во 1989 година падна Берлинскиот ѕид.

Практично, исчезна парадигмата за германското раководство од Конрад Аденауер преку Хелмут Кол - од 1949 до 1989 година кога Германија беше круцијален помлад партнер за интеграција во НАТО и во ЕУ. „Кога Германија излегува од филм, се менува“, вели Гуро. (Њујорк тајмс)


#
Статијата е прочитана 1066 пати.

Испрати коментар

Од: nick hill
Датум: 19.04.2010 02:42:26
evropa se raspaga poleka poleka
Од: Tase, Kanada
Датум: 19.04.2010 06:44:36
Ne mora Makedonija da si go menuva imeto zaradi edna razdrnkana stara krntija koja se vika Evropa. Najbitno e da si go zachuvame identitetot !!!
Од: makedonce
Датум: 19.04.2010 11:21:44
na povidok e raspad na eu i ...nov sojuz predvoden od germanija i rusija ...vo noviot sojuz ke vlezime pod ustavno ime ...vecna makedonija
Од: Aнгел
Датум: 19.04.2010 12:37:46
Eвропа е изградена на купишта лаѓи запиша праведниот и единствен европски демократ амбасадор во Македонија-Лотар. Ја кажа само тој и вистината за Македонија. A Франција ако е толку моќна таа нека дава 30% во евробуџетот колку што дава Германија или да и даде пари на Грција.

Најди! во Утрински
Свет
Над 1.700 жртви во земјотресот во Кина
Полјаците се простија од Качињски
Христијанството на смртна постела
Грузија испраќа принцеза за амбасадор
Референдум за членство на Турција во ЕУ?
За државјаните на ЕУ влез со лична карта
Бугарија ќе ја кастри армијата за третина