Работнички за потврда, Ренова за поправање на впечатокот
Двете македонски екипи утревечер ќе ги одиграат реваншите со Транс Нарва, односно со Гленторан, во квалификациите за Лига Европа
Сашко Ѓ. Димовски
Фудбалерите на Работнички и Ренова се наоѓаат пред нови европски предизвици. Утре ќе ги одиграат реванш дуелите од воведната елиминациска ру��да за Лига Европа против Транс Нарва, односно, Гленторан за потврда на резултатите од првите 90 минути и да опстанок на фудбалската карта на стариот континент.
Обата колектива имаат неспоредливо различни мисии овојпат. „Романтичарите“ се вратија со огромен кредит (4:1) од гостувањето во Талин, па утревечер (20 ч.) на националната арена „Филип Втори“ треба само рутински да ја одработат задачата во возвратниот дуел со естонскиот претставник за обезбедување двомеч со Јувенес Догана од Сан Марино во второто коло. Уште минатиот четврток покажаа дека квалитетот е на нивна страна, сега им преостанува само професионално да минат низ реваншот, да се обидат да впишат нова меѓународна победа за нови бодови со кои ќе го зголемат клупскиот рејтинг, но и на македонскиот фудбал воопшто. Во Работнички срамежливо признаваат дека веќе размислуваат на ждрепката за третото коло и противникот што ќе добијат, но демонстрираат приземност колку и да звучи тоа скромно бидејќи до таа фаза ги очекуваат уште 270 европски минути без разлика на резултатот од првиот дуел со Транс Нарва и квалитетот, реномето и традицијата на наредниот ривал.
Во многу понезавидна позиција од нив е Ренова. Тимот од Џепчиште отпатува во Белфаст каде утре (20.45 часот) ќе му гостува на домашниот Гленторан. И составот на Соколи е во позитивата во одбројување на часовите до реваншот меѓутоа од само еден гол (2:1). Покрај „тенката“ предност играчите на Ренова во четвртокот, сепак, не оставија впечаток дека лесно ќе се справат со северноирскиот претставник во оваа фаза од натпреварите. Причина за резервираност е играта што ја прикажаа против полупрофесионалците од стадионот „Овал“ во првиот меч. Имаа човек повеќе на теренот и тоа цели 76 минути, а според играта изгледаа како да имаат помалку. Изминатите седум дена веројатно се искористени за поправање на формата, подобро воигрување на фудбалерите и подготвување тактика за одбрана на резултатот од скопските 90 минути. Раководени од онаа народната која вели дека „нападот е најдобра одбрана“ не помислуваат да се ориентираат на зачувување на сопствената мрежа. Свесни дека „бункер“ концепцијата може да биде кобна по нив најавуваат отворена игра, па дури и нов минимален триумф или реми во најмала рака што ќе им овозможи уште најмалку два меча во Европа летото, против украинска Ворска Полтава во второто коло. Потребен им е гол, порачуваат дека ќе сторат се за да стигнат до него за елиминација на екипата од Северна Ирска. Во спротивно, без постигнат погодок, а примен, по третпат во клупската историја ќе бидат запрени уште на стартот во квалификациите за европските фудбалски купови. Само еднаш досега ја прескокнаа првата европска пречка и тоа во сезоната 2008/09 во рамки на Интертото купот кога ја елиминираа Риека. |