Ракометарките запрени од Италија
Машката селекција подобра од Швајцарија на ЕП на плажа
По двете победи на стартот, женската репрезентација на Македонија во ракомет на плажа загуби од фаворитот Италија со 2:0, по сетови 27:16 и 15:8, во рамките на групата А од 7. Европско првенство што се одржува од 4 до 9 јули во хрватскиот град Умаг. И покрај поразот, македонските ракометарки се блиску до втората фаза на шампионатот, во која ќе продолжат првите четири од вкупно седум тима во групата
Машката селекција, пак, и' го препушти фенерот во групата Ц на Швајцарија со победата во директниот дуел од 2:1. Првиот сет и' припадна на Македонија со 14:12, во вториот противникот возврати со 17:12, па се пристапи кон т.н. шутаут, во кој македонските ракометари славеа со уверливи 8:2. Дејан Манасков беше прв стрелец на мечот со 12 поени, Наумче Мојсоски прокнижи осум, два повеќе од брат му Златко, Филип Лазаров застана на пет, Наум Танески на два и Гоце Георгиевски на еден.
Во првиот натпреварувачки ден мажите ги изгубија и двете средби: од Данска беа поразени со 2:1, а од Украина со 2:0. Избраниците на селекторот Сашо Србиноски против Данците го добија првиот сет со 16:14, вториот го изгубија со 14:12, а потоа и шутаутот со 10:6. Мојсоски беше најефикасен во македонските редови со 14 поени, Манасков имаше еден помалку, Павловски пет и Лазаров два.
Танески доби црвен картон, а беше исклучен и против Украинците, но заедно со противничкиот играч Јуриј Манковски. Украина ги доби и двата сета, првиот со 17:12 и вториот со 18:14, а во поразениот им се издвоија Манасков со 11 поени, Лазаров со девет и Мојсоски со шест. (Р.Д.) |