Емотивна етапна победа на Фарар
Американецот му го посвети првото место во третата етапа на Тур де Франс на починатиот другар Вејланд
Американецот Тајлер Фарар отспринтува пред групата на Тур де Франс, ја освои третата етапа и на целта со рацете направи знак во вид на двојно В на латиница во чест на својот најдобар другар Вутер Вејланд, кој загина во судир на Џиро ди Италија во мај. Тоа беше прва победа на Тур за 27-годишниот возач на Гармин-Сервело, кој има етапни победи на другите две големи трки - Џиро и шпанската Вуелта.
„Сакав да го направам ова за Вутер. Тоа нема да смени ништо, но тоа значи дека не го заборавам. Мислев на него денеска“, изјави Фарар, кој ги победи Французинот Роман Феју и Шпанецот Хосе Хоакин Рохас во последната делница од етапата до Редон, долга 198 километри.
Вејланд почина на 9 мај од повредите добиени во незгодата што се случи во третата етапа на Џиро, а потресениот Фарар се повлече од трката наредниот ден. Неговиот тимски колега Тор Хусховд од Норвешка ја зачува жолтата маичка што ја облече во неделата, кога Гармин-Сервело победи на екипниот хронометар во Ле Есарт.
Марк Кевендиш, победник во 15 етапи во последните три изданија на Тур, беше фаворит пред почетокот на етапата, но неговите колеги од тимот на ХТЦ Хајроуд не успеаја да се организираат во финишот, оставајќи ги тимските колеги на Фарар да го украдат шоуто. Британецот, кој треба да биде задоволен со петтото место, изјави: „Бевме престигнати од Гармин во последната делница. Бев заглавен меѓу Феју и Рохас и за малку не паднав. Ја изгубив брзината. Некои веројатно ќе речат дека ги изгубив шансите за највисок пласман, но не е се' завршено“.
Резултати од третата етапа: Тајлер Фарар (САД/Гармин) 4:40,21 ч., Роман Феју (Франција/Вакансоле) исто време, Хосе Хоакин Рохас (Шпанија/Мувистар) исто време итн.
Вкупен поредок: Тор Хусховд (Норвешка/Гармин) 9:46,46 ч., Дејвид Милар (В. Британија/Гармин) исто време, Кејдел Еванс (Австралија/БМЦ Рејсинг) +1 секунда итн. |