Училиштата ги затворија вратите за инвалидизираните деца
Годинава 33 инвалидизирани скопски деца се откажале од шансата да одат во основно поради немањето услови во училиштата
Жаклина Хаџи-Зафирова
Инвалидизирани деца се откажуваат да одат на училиште затоа што немаат основни услови да посетуваат настава. Иако од годинава почнаа да се применуваат законските обврски за задолжително средно образование, државата не презема мерки за да ги стимулира инвалидизираните да посетуваат училиште како и сите други деца. Не само што нема бесплатен превоз до училиштата за нив, што е предвидено и во законите, туку не постојат ниту соодветни приоди до училиштата, иако и тоа е законска обврска. Според статистиките, годинава 33 инвалидизирани скопски деца се откажале од шансата да одат во основно поради немањето услови, а четворица малолетници наместо во средно, седат дома зашто нема кој да ги носи и да ги враќа од училиште. Овие забелешки ќе бидат дел од реакцијата која Сојузот на телесно инвалидизирани лица на Македонија ќе им ја упати на надлежните во Министерството за образование и наука, кое досега не се одзва на прозивките на родителите на околу 300 телесно инвалидизирани деца во земјава, колку што се евидентирани на училишна возраст до 18 години.
Шеснаесетгодишната скопјанка Надежда Дамевска, која боледува од тежок телесен инвалидитет на мускулите, секој ден патува до Петтата приватна гимназија, каде што единствено имале слух за нејзините проблеми со ретката болест која е единствена во Македонија. Во сите средни училишта каде што таа и нејзината мајка се интересирале да се запише, ги одбивале со одговор дека нема услови за Надежда да може без проблеми да ја следи наставата, бидејќи недостигаат соодветни пристапи до училиштето. Попусти биле и обидите да се повикаат на претходниот одговор од ресорното министерство од каде што им кажале дека девојчето може да се запише каде што сака. Разочарана и во безизлез, а поради законските обврски за задолжително средно образование, мајката на Надежда повторно ја запишала во Петтата приватна гимназија каде што трошоците и' се 1.800 евра годишно. Надежда е сега ученик во втора година во гимназијата, каде што нејзините соученици без проблеми ја прифаќаат како дел од нив.
„Тука ми е интересно, иако сакав да се запишам во некое од државните училишта. Но, ми побараа посебна дозвола од Министерството“, раскажува Надежда, која вчера ја посетивме на часот по информатика. Поради инвалидитетот, таа не може да седи на обично столче, иако може да оди, но има проблеми со движење на рацете, бидејќи и' се вкочанети поради болеста која прогресивно напредува.
Надежда е само една од децата кои членуваат во Сојузот на телесно инвалидизирани лица, каде што повеќето од родителите на овие деца се социјално загро��ени случаи, но се' уште не ги почувствувале благодатите за намалување на трошоците од страна на државата.
„Со тоа што не им даваме избор на овие деца да учат каде што сакаат, самите ги доведуваме во ситуација да станат социјални случаи, како што станале и нивните родители кои поради тоа што не учеле, дошле во лоша ситуација“, вели Миодраг Игњатовиќ, претседател на Сојузот. Тој истакнува дека со години реагирале до државните институции, укажувајќи на непочитување на законите, бидејќи не се градат пристапни рампи за инвалидизираните ученици. Но, никој не ги слуша нивните апели. „Не се почитува Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој предвидува пристапни патишта до сите јавни објекти, а не само до училиштата“, потенцира Игњатовиќ. Според него, родителите на телесно инвалидизираните деца се откажуваат да ги носат децата на училиште не само поради приодите, туку и затоа што во училиштата нема основни услови за нив, како што се тоалети за инвалидизираните поради што многу пати имало немили случки.
„Никаде во светот нема посебни училишта за овие деца, бидејќи тие немаат умствен, туку телесен хендикеп. Затоа државата не треба да ги дискриминира, туку да им даде право да учат како и другите деца со што ќе ги интегрираме полесно во општеството“, категоричен е претседателот на Сојузот.
Во дописот до Министерството, Сојузот и оваа година по којзнае кој пат ќе реагира во врска со непостоењето приоди до училиштата и ќе побараат инвалидизираните да се ослободат и од партиципација на факултетите, што според нив стои и во законските одредби.
Во Министерството за образование и наука велат дека се свесни за проблемите на телесно инвалидизираните деца и најавуваат дека до крајот на годинава ќе се решат нивните маки. Министерството во соработка со Градот Скопје реализираат проект за поставување пристапни рампи во 12 средни училишта за што ќе бидат издвоени 3,1 милиони денари. Се очекува рампите да бидат поставени до крајот на оваа година.
Скопските градски власти нагласуваат дека во тек е и проект за набавка на комбе со кое ќе им се олесни превозот на телесно инвалидизираните ученици, кои моментно ги превезува посебно адаптиран автобус кој ги зема од домовите и ги враќа назад.
„Во 2009 година планираме решавање на проблемот со превоз на лицата со потежок хендикеп“, уверуваат од Градот Скопје, кои сакаат да им послужат како пример на другите општини.
Но, и покрај добрата волја на градските власти да се решат проблемите со пристапните патишта до училиштата, и понатаму ќе остане отворено прашањето што со поставувањето на ваквите рампи и до основните училишта. Не се знае ниту како ќе се решат проблемите на хендикепираните внатре во самите училишта кога во некои од нив наставата се изведува во различни кабинети, каде движењето на овие лица е ограничено. |