Личност на денот
Мики Рурк
Со новиот филм „Борач“, кој го доби „Златниот лав“, Рурк го направи својот голем камбек
Мики Рурк по еротскиот филм „Девет и пол недели“ беше прогласен за еден од најсекси мажи на планетата. Поради енормниот успех на овој филм, беа направени уште две продолженија, но не со Ким Бесинџер, туку со една друга убавица - Каре Отис. „Дивата орхидеја“ не го повтори успехот на претходникот, но Отис и Рурк се најдоа и како филмски и како брачни партнери, кои имаа бурна врска, која ги полнеше жолтите страници.
Во тоа време, Мики Рурк одигра одлични улоги и во познатите остварувања „Барска мушичка“, „Ангелско срце“, „Џони убавиот“. Но, и покрај извонредната кариера, сосем неочекувано, реши да и' се врати на својата стара љубов, професионалниот бокс. Сфаќајќи по некое време дека боксот нема да го донесе очекуваниот успех, тој повторно му се врати на филмот.
Но, екранот има свои законитости, па Рурк ја прави фаталната грешка и оди на пластична операција. Неговото лице денес е сосем изобличено, и тој стана репер за неуспешноста и штетноста на овие потфати за разубавување. Кога во 2005 се појави во Кан со „Градот на гревот“, никој не можеше да го препознае. Којзнае дали се помири со тоа, но факт е дека со новиот филм „Борач“, кој го доби „Златниот лав“, тој го направи својот голем камбек. Можеби затоа што оваа улога совршено кореспондира со неговиот живот. (С.У.)
|