Петре Бакевски е добитник на наградата „Григор Прличев“
„Атлантида е општа, поширока и позвучна метафора за исчезнувањето. Во поемата е присобран мојот страв, грдото чувство за своето време. Нема песна и нема творештво надвор од текот на времето. Илјадниците стихови во ’Атлантида’ извираат од вриежот на ова време, од неизвесностите, од потресите и од несигурностите во кои живееме. Метафората за стравот, за исчезнувањето и за вечниот заборав ја распостилам на два плана, на личниот и на колективниот. Убеден сум дека многупати личната, интимна драма е во директна зависност и условеност од колективната атмосфера. Ако страда татковината, страдаат и луѓето. Ако исчезнува земјата, исчезнува и дадената форма на животот. Ако ти се откорнуваат корените, ако ти се одрекува раѓањето, глаголењето, историското паметење, чувството на идентитетот, припадноста на својот народ, традицијата, сеќавањето и пеењето и говорењето, тогаш што останува од тебе и од твојата татковина! Стравот, се разбира, очајувањето, депресијата, молитвењето пред последната утеха за спас. Ти навираат грди мисли, кожата ти се стеснува, ти скипнуваат радостите и среќите! Заплискуваат уривачките бранови на грдата и ненаклонета судбина“, ни изјави писателот Петре Бакевски по повод добиената награда за најдобра поема.
Бакевски на македонската јавност и е познат токму по овој жанр. „Поемата е мој дамнешен предизвик. Половина од моето досегашно поетско творештво кое опфаќа околу дваесетина поетски книги е во форма на поеми, епови и подолги поемски песни. ’Атлантида’ е резултат на тоа поетско зреење.
Наградата за најдобра поема го носи најзвучното поетско име во галаксијата на македонската поезија и судбина“, истакнува Бакевски. „Григор Прличев е македонскиот поетски Олимп. Тој што се осмелува да се натпреварува за наследното име на ’Вториот Омир’ треба да знае дека се впрегнува во најодговорниот и највозбудлив поетски предизвик. Може да успее, а може да остане во подножјето на разочарувањето. Пишувањето поема, особено по Прличевите високи ѕвездени уметнички резултати, е чин на лична поетска храброст. Треба сериозни подготовки, поголемо поетско искуство, гргорни извори на вдахновеност. А и во досегашниот повеќегодишен тек на овој конкурс веќе се создадоа современи поеми со висок уметнички резултат. Тоа обврзува“.
На лауреатот наградата ќе му биде врачена на свеченост која ќе се одржи на 6 февруари во Охрид. (Н.П.)
|