Време
Најтопол септември во последниот половина век
Летни температури ќе има до сабота, а потоа посвежо и дождливо
Снежана Калабакова
Овој септември е најтопол во последните 57 години, велат во Управата за хидрометеоролошки работи. За периодот 1951- 2008 година има целосни податоци и метеоролозите велат дека вакви максимални температури биле измерени речиси во сите метеоролошки станици.
Просечната температура на воздухот во однос на повеќегодишниот просек за Македонија е повисока за 1, 7 степени. Според извршените анализи за изминатите четири години, во септември се забележени потпросечни суми врнежи во поголем дел од земјава.
Метеоролозите велат дека летните температури во септември ќе бидат актуелни уште наредните четири дена и ќе се искачат до 35 Целзиусови степен. Од сабота под влијание на постудена и влажна воздушна маса ќе настапи позначителна промена на времето, што ќе услови врнежи од дожд и грмежи, а температурите ќе опаднат за 6 - 10 степени.
„Позначителна промена на времето се очекува од сабота, кога нашата земја ќе потпадне под влијание на циклонска активност и на постудена воздушна маса од северните географски широчини. Од 13 до 16 септември земјава ќе биде под влијание на циклонска активност и влажни воздушни бранови кои ќе одржуваат променливо, облачно и нестабилно. На места врнежите ќе бидат поинтензивни со засилен ветер. Преодно стабилизирање на времето ќе настапи на 17 и 18 септември кога ќе преовладува стабилно и суво време“, вели Панче Трајановски, дежурен синоптичар во УХМР.
Во наредните три дена Македонија ќе биде под влијание на висок воздушен притисок, што ќе услови одржување стабилно сончево и релативно топло време. Утринските температури ќе бидат во интервалот од 10 до 18 степени, додека во текот на денот ќе се искачат помеѓу 27 и 35 степени. Во почетокот на третата декада ќе има нов пробив на влажна воздушна маса што ќе донесе нови врнежи од дожд и повторно опаѓање на температурата.
|