Повеќе време на „Фејсбук“ отколку на „Гугл“
Сиетл - Американските корисници на Интернет повеќе време трошат за комуникација на „Фејсбук“ отколку на пребарувачот „Гугл“, покажуваат резултатите на најновото истражување на аналитичката компанија „Комскор“.
Во август американските веб-корисници вкупно поминале 41,1 милион минути на „Фејсбук“, што претставува 9,9 отсто од вкупниот број минути користени на Интернет. На „Гугл“, пак, поминале 39,8 милиони минути, односно 9,6 проценти од вкупниот број минути користени на Интернет. Во времето поминато на „Гугл“ е пресметано и времето поминато на најпопуларните Интернет-страници „Јутјуб“, „Гмејл“ и „Гугл њуз“.
На трето место е „Јаху“, каде што корисниците на Интернет поминале 37,7 милиони минути или 9,1 отсто од вкупното он-лајн време.
„Фејсбук“ во јули првпат го зазеде првото место од „Гугл“, додека во август минатата година Интернет-корисниците поминале исто време на двете мрежи.
„Комскор“ ја заснова својата анализа на извештајот на поврзаните групи од два милиона Интернет-корисници во светот и податоците од серверите на веб-сајтовите, но не е пресметано времето за поставување на фотографиите и за „апдејтување“ на пораките на статусот. (МИА) |