Светската економија бавно закрепнува
Закрепнувањето на светската економија може да се одвива побавно отколку што се очекуваше, но новиот бран рецесија е малку веројатен, особено ако владите не претераат со намалувањето на потрошувачката, соопшти Организацијата за економска соработка и развој. Таа организација вчера апелираше до владите во светот да бидат внимателни, за да не го спречат економското закрепнување, со тоа што премног�� и пребрзо ќе ја намалат потрошувачката. Пред само неколку месеци ОЕЦД апелираа владите да ги „скротат“ растечките буџетски дефицити.
Од последната препорака на ОЕЦД од мај, се зголеми загриженоста за глобалното економско закрепнување, иако се чини дека економската ситуација во еврозоната се стабилизира по 110 милијарди евра вредниот пакет помош за Грција и договорот за основање еден билион долари вредна финансиска програма за поддршка на презадолжените држави.
Владите можеби ќе мора да посегнат кон нови иницијативи, предупреди ОЕЦД.
Во групата од седум водечки индустриски економии во светот Г-7 растот во втората половина од годината би можел да забави, со годишна стапка на раст од 1,5 проценти, место предвидените 1,75 проценти, соопштува ОЕЦД во прелиминарната процена.
Притоа, во САД, во третиот квартал би можело да забележи стапка на раст од два отсто, проценува во ОЕЦД.
Еврозоната, врз основа на просекот на трите најголеми членки - Германија, Франција и Италија, би можела да оствари раст во висина од 0,4 отсто во тековното тримесечје, која во последните три месеци би требало благо да се забрза на 0,6 проценти.
Во Јапонија растот би требало да се покачи за 0,6 отсто во третото тримесечје и незначително да порасне на 0,7 отсто во последните три месеци од оваа година, проценува ОЕЦД. (Ек.Р.) |