Потребни се 1,6 млд. евра во обновливи извори енергија
Македонија, до 2020 година, 21 процент од вкупните потреби од енергија ќе добива преку обновливи извори, место 16,3 отсто како што е сега. До 2030 година, пак, 27 отсто треба да се обезбедува од обновливи извори. Ова го предвидува Стратегијата за обновливи извори енергија, што ја усвоила Владата минатата недела.
Ова ќе знач�� дека се потребни 1,6 милијарди евра инвестиции во енергетскиот сектор, и тоа во големи и мали хидроцентрали, во соларни и ветерни електрани, како и во електрани со биомаса.
„Цел на Стратегијата е Македонија да се вброи во земјите кои, во согласност со директивата 2009/28 на ЕУ, до 2020 година, 20 проценти од вкупната потрошувачка на енергија ќе произведуваат од обновливите извори. Ова не е важно само за нас, туку и за идните генерации, зашто предвидува формирање одржлив енергетски систем што ќе ги задоволува потребите на домаќинствата и на индустријата, но во исто време ќе значи и заштита на животната средина“, нагласи вчера на прес министерот за економија, Фатмир Бесими.
Документот, меѓу другото, предвидува до 2020 година 10 отсто од потрошувачката на енергија во сообраќајот да се произведува од биогорива.
„Проектираното ќе се постигне и преку искористување на повластените тарифи за проекти од областа на обновливи извори, како што се оние за малите хидроцентрали, за ветерните електрани и за електраните со биомаса“, нагласи Бесими и додаде дека досега се успешно реализирани три тендери за мали хидроцентрали, четвртиот е во фаза на евалуација, пред објавување, а се подготвува и петтиот.
Според Стратегијата, цената на енергијата добиена од обновливи извори, во зависност од моментот кога се произведува, ќе биде од 1,4 до 3,4 проценти поголема од пазарната. „Ако цената на електричната енергија дотогаш биде пониска отколку што е сега пазарната, овој ефект ќе се компензира“, објасни Бесими, потенцирајќи дека енергијата добиена од обновливи извори има поинаков третман на глобално ниво, односно се дефинира како производ со посебна цена. (Ек.Р.) |