Грчките трафики згаснуваат без цигарите
Газдите размислуваат да прекинат со продажбата на цигари и на тутун, поради зголемениот ДДВ
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грчките трафики ја губат смислата на своето постоење. Или барем така тврдат сопствениците на трафики, кои во последно време размислуваат да прекинат со продажбата на цигари и на тутун, поради зголемениот ДДВ за овие производи.
За многумина сопственици цигарите и тутунот се основа идеја за отворање трафика, како и главни производи од кои се одржува таа, бидејќи повеќе од 50 отсто од профитот доаѓа од продажбата на цигари и на тутун. Сопствениците на трафики со месеци се во постојани расправии со Министерството за економија, но досега не успеаја да издејствуваат намалување на давачките за овие производи, кои се основни за нивното постоење.
Според весникот „То вима“, следува тешка зима за трафиките, како што не било никогаш досега, а не е исклучено и дека повеќето од нив ќе мора да стават клуч. Се предвидува дека поради намалувањето на продажбата и зголемените давачки годинава, трафиките во државата ќе имаат загуба од една милијарда евра во профитот, за цигарите и за тутунот. Профитот од овие производи во 2009 година во цела Грција беше 8 милијарди евра.
„Плаќаме околу 1.000 евра кирија за трафиката, околу 500 евра за струја месечно и плус други трошоци, кои воопшто не се за занемарување. Профитот ни опаѓа секојдневно. Ако порано имавме 8,5 отсто доби��ка од продажбата на цигари, сега земаме само 4 проценти. Многумина од колегите што работат во трафики ги затворија во текот на летниот период, како и секоја година поради одморите, меѓутоа се' уште не ги отвориле. Ми се чини дека многу од нив може и засекогаш да останат затворени, бидејќи веќе 25 отсто од трафиките се затворени. И ние самите не знаеме до кога ќе можеме да издржиме“, коментираат неколкумина вработени во трафиките во центарот на Атина. Тие велат дека работите се влошиле, бидејќи од една страна ДДВ е зголемен, а од друга страна некои од компаниите за производство на тутун ги намалуваат цените, за да има поголема продажба на нивните производи.
Како што забележува „То вима“, доколку досега заработувале 25 центи од еден пакет цигари со цена од 3,8 евроценти, сега заработуваат по 13 центи од пакет цигари кој чини 3,2 евра.
„Трафиките се во најголема криза досега. Околу 15.000 трафики и 25.000 мали продавнички за весници и за цигари во еден ден забележаа пад на профитот над 50 отсто. Побарувачката за поскапите брендови на цигари веќе има пад од 20 отсто, поради високите давачки“, вели Јоргос Плакопулос, претседател на Здружението на сопственици на трафики. Сепак, како што забележува тој, трафиките во Атина се постабилни од оние надвор од градот и во другите градови низ државата. Можно е кризата да ги загрози работите места на околу 100.000 вработени во трафиките во цела Грција. |