Орден „Легија на честа“ за британски ветеран од Прва светска војна
Хари Пач (110) е последниот преживеан британски ветеран од рововите на Првата светска војна
Хари Пач, последниот преживеан британски ветеран од рововите на Првата светска војна, стана Офицер на француската Легија на честа. На 110-годишниот ветеран, кој се врати во Бат во 1918 година, му беше доделен медал од страна на францускиот амбасадор во старечкиот дом во Велс, Сомерсет. Британскиот ветеран во 1998 година веќе го прими медалот „Витез на Легијата на честа“.
Примајќи го медалот, Пач изјави дека тоа претставува голема чест. Уште додаде дека е воодушевен од именувањето за Витез на Легија на честа што се случи пред 10 години, заедно со уште 350 други ветерани од Првата светска војна. На церемонијата тој рече: „Сега, ние двајцата што останавме и луѓето од Франција, преку нивниот претседател, уште еднаш ни укажаа чест со тоа што ни доделија орден офицери на Легијата на честа. „Ќе го носам овој медал со голема гордост и кога на крајот ќе им се придружам на моите соборци тој ќе биде изложен во музејот на полкот како траен потсетник на љубезноста на францускиот народ“. Пач, кој пораснал во Кумб Даун, во близина на Бат, никогаш јавно не зборувал за Првата светска војна се' додека не наполни 100 години. (Би-Би-Си)
|