Француски режисер го критикува законот за мигранти
Имам впечаток дека се наоѓаме во 1943 година со скриен Евреин во подрумот: Филип Лорет ПАРИЗ - Францускиот министер за имиграција го критикуваше режисерот кој ја поврза владата со режимот од Виши, што ги поддржуваше нацистите, поради третманот спрема илегалните мигранти. Министерот Ерик Бесон изјави дека споредбата е „неоснована“ и дека режисерот Филип Лорет ја „минал црвената линија“.
Лорет ја направи споредбата за новиот закон со кој за кривично дело се смета помагањето на илегалните мигранти, што го нарече „лудо“. Неговиот филм „Добредојде“ е за бегалците кои се надеваат дека ќе го препливаат Каналот за да влезат во Велика Британија.
„Ако утре му помогнете на некој човек кој нема документи, вие сте направиле кривично дело ’помагање на лице чиишто документи не се в ред‘“, изјави Лорет. „Во која земја живеете? Имам впечаток дека се наоѓаме во 1943 година и дека имаме скриен Евреин во подрумот“. Меѓутоа, Бесон се спротивстави: „Да се сугерира дека француската полиција е како полицијата од Виши, и дека Авганистанците се прогонуваат, се цел на хајки, тоа е неосновано“. (Би-Би-Си)
|