Американските милијардери се откажуваат од богатството
Дури 57 супербогати се приклучија кон филантропската кампања на Ворен Бафет и Бил Гејтс
ЊУЈОРК - Други 17 американски милијардери, меѓу кои коосновачите на „Фејсбук“, Марк Цукерберг и Дастин Московиц, ветија дека ќе се откажат од најмалку половина од своето богатство за филантропската кампања предводена од Ворен Бафет и Бил Гејтс. Вкупно 57 милијардери сега се приклучени во кампањата „Ветување за подарување“ што ја започнаа основачот на „Мајкрософт“ Гејтс и инвеститорот Бафет во јуни. Со кампањата се најавени нови ветувања за откажување од богатството.
Гејтс, неговата сопруга Мелинда и Бафет побараа од американските милијардери да се откажат од најмалку половина од своето богатство за време на животот или по нивната смрт, и јавно да ја изнесат нивната намера со писмо во кое ја објаснуваат нивната одлука. Кампањата не прифаќа пари ниту, пак, им кажува на луѓето како да ги донираат нивните пари.
„Луѓето чекаат до доцна во кариерата за да дадат пари. Но, зошто да се чека кога има толку многу да се направи?“, рече Цукерберг, кој даде 100 милиони долари во септември за јавните училишта во Њуарк, Њу Џерси. „Со генерација помлади луѓе, кои напредуваа врз успехот на нивните компании, постои голема можност многумина од нас да се откажат порано во текот на животот и да се види влијанието на нашите филантропски напори“, рече тој.
Покрај Цукерберг и Московиц, најмладите милијардери во светот, ветувања дадоа коосновачот на АОЛ, Стив Кејс, финансиерот Карл Ајкан и Мајкл Милкен, поранешен извршен претставник од Волстрит, кој отиде в затвор во 90-тите години поради малверзации со хартии од вредност. Меѓу новите милијардери што ќе дадат ветувања се главниот извршен претставник на „Морнингстар“ Џо Мансуето, бизнисменот Николас Бергруен и приватниот инвеститор Тед Форстман.
„За само неколку месеци постигнавме добар напредок“, рече Бафет, кој го создаде своето богатство со компанијата за осигурување и инвестиции „Беркшир Хатавеј“. „’Ветување за подарување’ ги активираше луѓето што размислуваат и работат за филантропијата, и со нетрпение ги очекувам разговорите со семејствата што се навистина богати и чија дарежливост може и ќе ги смени животите“, рече тој.
Покрај разговорите со околу четвртина од најбогатите луѓе во Америка во врска со кампањата „Ветување за подарување“, Гејтс и Бафет во септември беа домаќини на вечера со кинески милијардери во Пекинг, како обид да се промовира култура на филантропијата во Кина. Двојката планира да ја посети Индија во март. Списанието „Форбс“ пишува дека во САД живеат повеќе од 400 милијардери, најмногу од која било земја. (Ројтерс) |