НБМ: Растот меѓу два и три отсто во 2011
Народна банка на Македонија не отстапува од првичните проекции дека годинава економијата ќе заврши со раст од само 0,6 отсто и ништо повеќе. А за в година се предвидува растот да биде од два до три проценти. Гувернерот Петар Гошев појасни дека во проекцијата за растот на БДП за следната година се вклучени најавените капитални инвестиции на Владата со буџетот во износ од 23 милијарди денари. „Дали Владата ќе го реализира тоа или не, е нејзина работа“, рече Гошев.
Според проекциите на НБМ, годинава кредитирањето ќе порасне за 9,4 отсто, а и за 2011 година не се предвидува некое позначајно поместување нагоре и се очекува в година растот на кредитирањето да достигне до 12,1 отсто. Гувернерот не коментира дали банките доследно ја следат НБМ во падот на банкарските камати. НБМ предвидува годинава инфлацијата да биде 1,6 отсто, главно, како последица на растот на цените на храната, а во 2011 година се очекува инфлацијата да биде исто како и растот меѓу два и три отсто. (С.М.) |