И Пакистан има помалa невработеност од Македонија
Во книгата на факти на ЦИА за невработеноста, Македонија е на 183. место на списокот од 203 земји во светот
Маја Томиќ
Македонија опасно се приближува до врвот на листата на земји во светот со најголема невработеност. Дури и Пакистан, земја, која политички не е средена, ни бега со помал број невработени од нас. Имено, во неодамна објавените информации од светската книга на факти на американската агенција за разузнавање ЦИА што се однесуваат на невработеноста во светот, од вкупно 202 посочени земји, според стапката на невработеност во 2009 година, Македонија е на рекордното 183. место, додека, на пример, Пакистан е на 144. место, со 14 отсто невработеност. На едно место пред нас се Екваторијална Гвинеја, потоа следуваат Либија, Мали, Мавританија и Камерун, каде што невработеноста лани изнесувала 30 проценти. Соседните земји Косово, Србија и Хрватска биле со стапки на невработеност од 16,6 и 16,1 процент, а Словенија имала 9,2 отсто невработеност. Од бившите ЈУ-републики, полошо од нас стои само Босна и Херцеговина со 40 отсто невработени во минатата година. Авганистан е една позиција по Македонија, со стапка на невработеност од 35 отсто. Во групата на последните 20 земји од списокот на ЦИА се наоѓаат: Непал, Сенегал, Кенија, Намибија, Буркина Фасо и Зимбабве, која го држи последното 202. место со рекордна невработеност од дури 95 отсто. Првите пет најдобри позиции, пак, со нула, или со само еден отсто невработеност, им припаѓаат на Монако, Катар, Гвернсеј (британски остров), Белорусија и Узбекистан. Високата невработеност со години е главната причина што Македонија постојано се рангира на многу лоши позиции во листите на странските агенции или институти.
И покрај тоа што податоците на агенцијата ЦИА се однесуваат за ланската година, тие се се' уште актуелни, бидејќи според статистичките податоци за вториот квартал од годинава, стапката на невработеност изнесува 32,1 отсто. Иако таа е пониска од стапката во првиот квартал од 2010 година кога беше 33,5 проценти, сепак, сме ја подобриле состојбата од лани за само 0,1 процент, што е речиси незначително.
„Виенскиот институт“ во јули летово излезе со прогноза дека нема да има пад на невработеноста во земјава. Македонската економија годинава ќе расте, предвидоа од овој економски институт, но тој раст ќе достигне едвај еден отсто, што нема да донесе значителни промени во поглед на намалувањето на стапката на невработеност. Исто така, странските инвестиции годинава не би ја надминале бројката од 150 милиони евра, што би значело дека не треба да се очекува зголемување на вработувањата, односно намалување на невработеноста.
Според последните податоци од истражувањето на Индексот на просперитет на лондонскиот институт „Легатум“, пак, 65 отсто од Македонците биле незадоволни од својот животен стандард. Овој Индекс ја рангира земјава на 72. место меѓу 110 земји, според економските услови на живеење. Тоа е за две позиции полошо од минатата година. „Легатум“ ја рангира Македонија на 92. место во однос на состојбата на пазарот за вработување, а според мислењето на граѓаните за животните услови, државава е рангирана на 87. место. |