Пелагониските сточари разочарани од министерот за земјоделство
Фармерите се принудени да го продаваат млекото на пазарите
Фармерите му порачуваат на Димов да не оди по стапките на Спасеноски
БИТОЛА – „Го повикуваме новиот министер за земјоделство во вторник, кога е пазарен ден, да дојде во Битола на сточниот пазар и да види каде завршуваат нашите крави. Во Косово и во Албанија се продаваат кравите. Тоа ли е иднината на македонското сточарство“, праша Душко Илиевски, фармер од Битола, претставник на Здружението на оштетените млекопризводители од „Сведмилк“.
Според овдешните фармери, косовски и албански трговци во Битола купуваат високомлечни крави за 800-900 евра, иако за секоја од нив била платена сума од 2.500 евра. Сега јуници жива мера се продаваат за 100 евра, а телињата од 150 до 200 евра.
Фармерите на вчерашната прес-конференција изразија разочарување од новиот министер за земјоделство, Љупчо Димов, бидејќи завчера ги повикал само претставниците на Федерацијата на фармерите и Сојузот на земјоделците. Сточарите сметаат дека Димов намерно го изоставил Здружението на кооперантите на „Сведмилк“, кое јавно се огради од овие две асоцијации. Истовремено побараа одговор од министерот зошто доцни исплатата на субвенциите. И покрај најавите, не зеле ниту денар од премиите што им следувале за стоката и по литар откупено млеко.
„Не може Вељо Тантаров и Ѓоко Данаилов да преговараат за нашиот проблем. Ако сакаа да помогнат, ќе не' поддржеа тогаш кога молевме за нашите пари. Добро ги знаеме тие кои со децении заговараат селска буна ама, за жал, никогаш не ја направија“, рече Илиевски.
Токму затоа фармерите бараат министерот лично да дојде во Битола и сам да се увери во каква состојба се пелагониските фарми по колапсот на „Сведмилк“ и по енормно��о намалување на откупната цена за литар сурово млеко што ја плаќаат другите млечни индустрии во регионот.
„Бараме новиот министер за земјоделство да дојде во Битола и лично да слушне за проблемите на фармерите. Ние сме вистински луѓе за разговор, затоа што другите профитираат на грбот на обичниот земјоделец. Пелагонија е центар на земјоделството и на сточарството и не смее да ги препушти работите само на неколкумина“, повика Гоце Кантаровски, фармер од Могила и претставник на Здружението на оштетените млекопроизводители од „Сведмилк“.
Фармерите со порака до новиот министер да не ја практикува политиката на претходникот. „Ако новиот министер тргне по стапките на Ацо Спасеноски, ќе ги банкротира земјоделците. Кога на министерот Спасеноски му кажавме дека цената на млекото паѓа и се уништува сточниот фонд, тој рече: ‘И јас имав кози. Пропаднав, па станав министер‘“, потсети Илиевски.
Фармерите реагираат на завчерашната изјава на првиот човек на Сојузот за земјоделство дека проблемите на земјоделците во иднина ќе се решаваат со преговори, а не со протести. „Лани со Спасеноски имавме над 15 средби и ниту еден успешен разговор. Од протестите не се откажуваме. Само си ги бараме нашите пари“, додаде Илиевски. |