Бигорскиот манастир добива автентичен изглед
Од идната година манастирот од сите страни ќе биде со конаци, а западната страна ќе биде отворена
Киро Кипроски
ГОСТИВАР - Манастирот „Св. Јован Крстител“ добива автентичен изглед. Продолжува изградбата на објектите кои во минатото го краселе комплексот, а во изминатите 150 години во неколку наврати биле изгорени и несоодветно обновени.
Од идната година манастирот од сите страни ќе биде со конаци, а само западната страна ќе биде отворена. Тогаш се очекува да се одбележи 15-годишниот јубилеј на возобновеното монашко братство на Бигорскиот манастир.
Архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, вели дека се во тек многу градежни зафати на манастирскиот комплекс. Од почетокот на месецов, градежниците на „Жикол“ од Скопје интензивно работат на источниот дел од манастирот, т.н. Источен Палат, што ќе ги спои долното и горното крило.
Според проектот што го изработи Ѓурѓица Лековска од Националниот завод за конзервација и реконструкција, архитектурата и на Источен Палат ќе биде како постојните конаци, со автентична македонска градба. Овој дел ќе располага со 3.600 квадратни метри корисна површина. На три ката од просторот ќе има дваесетина монашки ќелии и параклис посветен на свети Никола. На два поврзани ката, со површина од 500 квадрати, ќе биде сместена манастирската библиотека. На спојот на Источниот со Долниот Палат, на самиот агол ќе биде изградена саат-кула висока десет метри. Во долниот дел ќе има ќелии, а на горниот дел, на самиот врв, зографилница.
Архимандритот Партениј вели дека сите зафати заеднички ги реализирале со стручните лица на Националниот конзерваторски центар од Скопје. Така успеале да го вратат автентичниот изглед на древното духовно светилиште.
За значајна обнова с�� смета надградбата на Долен Палат. Овој проект бил изработен врз база на зачуваните архивски материјали и фотографии од градењето на конакот во периодот 1855-1864 година, кои биле пронајдени во депоата на манастирот. „Со изградбата на Долен Палат, манастирскиот комплекс се врати во состојбата од 1912 година, пред да биде изгорен“, појаснува отец Партениј.
Реализацијата на овој проект почна пред две години, кога беа ископани и транспортирани над десетици илјади кубици земја, која беше складирана пред манастирот, со што се прошири паркингот. Во оваа фаза беше изграден бетонски потпорен ѕид во должина од 100 метри, височина од 4 до 5 метри и со дебелина од околу два метра. Овој зафат беше неопходен за да се заштитат конаците и црквата од евентуални лавини и лизгање на брдото што е надвиснато над манастирот. |