Број 3038  петок, 17 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Македонија

Брегалница стана колектор за отпад

Екологистите и рибарите фрапирани од негрижата на институциите за квалитетот на водите

Иван Бојаџиски

ШТИП - Дали некој се грижи за квалитетот на водите во Брегалница, најзагадуваната река во Македонија? Ова прашање се наметнува по последното загадување на Брегалница, кое се случи во првата половина од овој месец, во атарот на општините Берово и Делчево.

Како што е познато, три беровски фирми, свињарската фарма „Малеш“, текстилната фабрика „Алкалоид“ и рудникот за јаглен „Брик“, се посочени како неодговорни правни субјекти, чии раководства не се придржувале кон пропишаните стандарди за заштита на животната средина. Тие придонеле за големото загадување на водата, што беше причина за уништување на целиот жив свет во реката на потег од 40 километри.

Фрапантно е тоа што ниту еден град или село нема колектор за отпадните води. Веројатно тоа е причината што најлесно е отпадните води да завршат во Брегалница. Можеби затоа се тврди дека оваа река е голем, јавен колектор.

Доколку се суди само според написите во весниците, на Брегалница сосема и' прилега „епитетот“ најзагадена река во Македонија. Такво е размислувањето и на Кире Маџунаров, жител на штипско Ново Село, човек кој 17 години, секој ден, ја контролира реката од аспект на нивото на водата, наносите и на чистотата. Претходно, неговиот татко 13 години ја имаше контролата врз реката и ги алармираше одговорните локални и државни субјекти за сите промени во Брегалница.

„Вистината за квалитетот на речната вода најдобро се осознава во деновите на најмал водостој. За Брегалница можам да тврдам дека се загадува во континуитет и непрекинато. Речиси нема година а не се случи еколошки инцидент. За реката никој не се грижи. Кога пред две години се случи еден од најголемите еколошки инциденти во режија на свињарската фарма ‘Мак месо‘ од село Таринци, што предизвика помор на тони риба и друг животински свет, водата имаше ужасен, неподнослива мирис. Се јавив во ЈП ‘Исар‘, а оттаму рекоа дека не е во нивна надлежност. Однесов примероци од водата во нашиот Завод за здравствена заштита. И оттаму ист одговор, не се надлежни. Рибата бегаше од загадените води, скокаше на суво, на брегот, а глетката беше и жалосна и страшна“, вели Маџунаров.

Според негово кажување, водите на реката биле и масни од моторните масла, понекогаш имале бела боја како млеко, понекогаш сива како индиго. А кога реката надоаѓала низ неа пловеле купишта отпаден материјал.

„Редовно им сигнализирав и на еколошките друштва, но тие немаат вистински инструменти да направат нешто за заштита на Брегалница“, тврди Кире Маџунаров. Тој за сите значајни промени на водата во Брегалница има обврска да ја информира Управата за хидрометеоролошки работи. И тоа постојано го прави, но само во однос на нивото на водата во речното корито.

Стево Наумов, страствен риболовец и голем познавач на Брегалница, вели дека Министерството за заштита на животната средина не ја кажува вистината за загаденоста. Од ресорот тврдат дека брегалничките води се со загаденост од втор степен до Оризари кај Кочани, односно од трет степен, низводно од Оризари кон Штип и понатаму.

„Загаденоста на Брегалница е алармантна, најмалку од четврти степен. Тоа значи дека со водите од оваа река не смеат да се полеваат ниту бавчите. Пред дваесет години редовно носевме риба на испитување во Ветеринарниот институт, а сега тоа никој не го прави. Рибата од реката не е за јадење зашто во неа имаше паразити. Во Брегалница има клен, бојник, мека мрена, крап, карас и малку сом. Најмногу е загрозен кленот, кој е површинска риба. Опасност за Брегалница е и неконтролираното црпење песок, кое се случува во сите општини. Така се менуваат живеалиштата на рибите и другиот жив свет“, објаснува Наумов.

Тој категорично тврди дека при загадувањето се уништува многу повеќе риба. Потсетува дека пред две години свињарската фарма „Мак месо“ ги загади водите, а тогаш се наведе дека дошло до помор на 15 тони риба. „Вистина е дека настрада десет пати повеќе риба, бидејќи математиката се прави според принципот на подмладокот“, додава Наумов. Тој укажува дека во Брегалница некогаш, кога водата била чиста, имало и видри, но сега ги нема. Притоа вели дека крапот во езерото Калиманци се лови со парчиња риба како мамка. „Крапот не е месојадец. Овој факт говори дека се' е нарушено во речниот екосистем“, тврди Наумов.

За нарушување на екорамнотежата во реката има повеќе ризични фактори. Тоа се отпадоците од свињарските фарми, индустриските капацитети, фекалиите од градовите и од селата по должина на реката кои немаат колекторски системи. Потоа водите од оризовите полиња за кои се тврди дека неконтролирано се прскаат со инсектициди и пестициди за подобар род, а оттаму се влеваат во Брегалница.

Такви капацитети има во сите општини за кои Брегалница е света река. И во времето на социјализмот имаше уредба, со која сите беа обврзани да изградат пречистителни станици. Но, тоа го стори само кочанската фабрика „Хартија“. Доколку така може да се каже, голема „среќа“ за водите на оваа река е тоа што од триесетина објекти, кои во тоа време работеа, а имаа допирни точки со Брегалница, сега работат помалку од десетина.

Брегалница е река од која со вода за пиење се снабдуваат Кочани и Штип, двете најголеми општини. Современите филтер-станици ја вршат работата, но „Злетовица“ доаѓа како вистинско решение. А дотогаш?

Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани и претседател на Собранието на Источниот плански регион, вели дека сите општини своите развојни стратегии ги темелат на Брегалница и на нејзините капацитети.

„Потребата да имаме чиста река не' поттикна да преземеме голема акција за чистење на нејзиното корито и на бреговите. Тоа се случи овој месец, а беа ангажирани стотини работници и механизација од Кочани, Чешиново-Облешево и Штип. Како регион за кого Брегалница е прашање од животна важност се договоривме релевантните институции темелно да ја проверат реката. Еднаш веќе треба да ја имаме вистината за неа и за квалитетот на нејзините води. Точно е дека и Кочани се снабдува со вода од бунарите лоцирани покрај Брегалница. Но, нашето јавно претпријатие има ‘скада‘ систем и во секоја секунда може да се види квалитетот на водата, која им ја испорачуваме на граѓаните преку филтер-станицата“, објаснува Димитровски.

Голема опасност за Брегалница се и двата рудника за олово и цинк, „Злетово“ во Пробиштип и „Саса“ кај Македонска Каменица. Во 1976 година јаловиштето на „Злетово“ беше пробиено од тешката јаловина на рудникот, а во 2003 година се случи голема хаварија и на јаловиштето на „Саса“. Тешките отрови отпатуваа низ Брегалница, а никој не кажува дали и колку водата е контаминирана од тие две големи хаварии.

Фируз Мемед, директор на Државниот инспекторат за животна средина, по последното загадување напомна дека до 2014 година сите стопански капацитети ќе мора да имаат пречистителни станици за своите води пред да ги пуштат во реката. Но, прашањето е што ќе се случи со водите на оваа река доколку до тој период продолжи загадувањето со досегашното темпо.


Статијата е прочитана 481 пати.

Испрати коментар

Од: Со поинаква свест
Датум: 17.07.2009 10:10:35
Сите овие години не се презема ништо, а одговорот зошто е тоа така бидејќи треба да се вложат пари во пречестителни станици. Пари не се вложуваат, се поткупуваат инспектори и тоа со години во континуитет. И јас како риболовец сум носел примероци од отровите што ги испушта и Кожара-Делчево и базната станица на Гранит, но шансите да направиш нешто во оваа држава-банана се помал отколку да добиеш на лото. Колку што имам ја 30 години не паметам ден да нема испуштено отрови во Брегалница. Жално
Од: goce
Датум: 17.07.2009 10:42:22
ni treba ushte mnooogu vreme da evoluirame vo vistinska drzhava... sekoj den prazna politichka demagogija... pozicija, opozicija, bla , bla... a vo realnosta sme necivilizirani varvari, koi zagaduvaat na site strani ...gjubre niz prozori, gjubre vo rekite i planinite, pesticidi vo vodata i hranata... ..ja otruvme prirodata, se trueme i nie a i sebichno ne razmisluvame za toa shto pravime i za idnite pokolenija! kochanskiot bil zdrav oriz, tetovskiot bil zdrav grav, resenskite bile zdravi jabolka... bla, bla, ... prazna slama

Најди! во Утрински
Македонија
Кумановските касарни индустриска зона
Магични печурки влегоа во училиштета
Почна изградбата на ново училиште во Чаир
Уште еден нов позитивен случај на грип
Прва тужба за мобинг од работничка во Битола
Бигорскиот манастир добива автентичен изглед
Тетовци не излегоа на протест
Кавга на газди ја поништи „Градски аптеки“
Депонијата е неважна за советниците
Пелагониските сточари разочарани од министерот за земјоделство