Брoj 2748  понеделник, 28 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Фељтон
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

„Обаманијата“ во Лондон спуштена на земја

Спротивно од Берлин и Париз, значењето на посетата на Обама на Лондон намерно беше минимизирано

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - „Обаманијата“, како што се нарекува претераното воодушевување на дел од медиумите со американскиот сенатор од Илиноис, Барак Обама, прогласувајќи го безмалку за победник на американските претседателски избори во ноември годинава, во Лондон беше „ставена под контрола“, благодарејќи, пред се', на настојувањето на британската влада од него да не направи ништо повеќе од „само претседателски кандидат“, еднаков со неговиот противкандидат, републиканецот Џон Мекејн.

Демократскиот кандидат Обама беше помалку од 24 часови во британскиот главен град, но наместо официјалниот и речиси државнички протокол со кои Американецот беше почестен во Берлин и во Париз, на последната етапа од неговата еднонеделна турнеја, во Британија, тој беше намерно третиран како неофицијален посетител на Даунинг стрит 10, па домаќинот, премиерот Гордон Браун, ниту го пречека пред вратата, зашто тоа се прави само за официјални гости и за посетители на негов ранг, ниту го испрати и заедно со него водеше прес-конференција, во настојувањето Обама по ништо да не се разликува со третманот што пред него го имаше Мекејн.

Сенаторот од Илиноис се сретна и разговараше два часа со британскиот премиер, за темите кои ја окупираат јавноста во Британија и САД, како што се ситуацијата на Блискиот Исток, развојот на настаните во Авганистан и Ирак и глобалните теми - од климатските промени, преку финансиската нестабилност, до поскапувањето на нафтата и храната и борбата со меѓународниот тероризам, но за своите видувања зборуваше пред педесетина американски и британски новинари, а не пред „стотици илјади луѓе“. Заедно со Браун тој направи куса прошетка до блискиот парк, следен од силното обезбедување и малубројни туристи кои се обидуваа да ги уловат со своите камери „необичните шетачи“ во претпладневните часови на просторот зад официјалната резиденција на британскиот премиер и блискиот Сент Џејмсис парк, а потоа се сретна уште со лидерите на опозицијата, Дејвид Камерон, откако претходно во хотелот во кој престојуваше Обама имаше разговор и работен појадок со Тони Блер, сега посредник на Меѓународната четворка за Блискиот Исток.



Лондонските медиуми кои нескриено навиваат за демократскиот кандидат, како „Индепендент“, престојот на Обама во Лондон ќе го овековечи со фотографија на која тој и Браун и на неа ќе напише - се гледаме во јануари, не оставајќи никаков сомнеж дека сенаторот од Илиноис ќе влезе во Белата куќа. Проториевскиот „Дејли експрес“, пак, под сликата на Обама и Камерон ќе објави дека тоа се идните соговорници, алудирајќи не само на победата на Обама, туку и на изборот на Дејвид Камерон за премиер на британската влада на конзервативците, во мандатот на Американецот, но сепак, соочувањето на се' уште актуелниот сенатор со новинарите, покажа дека тој е повешт во држењето говори и во јавните настапи, отколку одговарајќи на „тешките“ прашања на американските, но и на британските репортери.

Во Лондон, наместо доелаборација на „триумфот“ од Берлин, Обама беше принуден да се брани и оправдува за својата турнеја, по малку грубо „вадејќи се“ дека тоа истото го направил пред него и Мекејн. Поводот за ваквата реакција беа критиките од таборот на републиканскиот противкандидат дека „претседателските настапи и однесувањето“ на Обама, ги надминуваат рамките на една предизборна кампања, префрлена за момент во странство. „Ќе зборувам во Берлин тогаш кога Американците ќе ме изберат за претседател“, му порача од САД Мекејн на Обама, набројувајќи притоа дека демократскиот сенатор не нуди и не прави ништо повеќе и поразлично од него, кога станува збор за меѓународната ситуација.

Во Лондон, Обама го истакна значењето специјалните британско-американски односи, се заложи за потребата за завршување на трансатлантската соработка, „за решавање на проблемите што ниту една земја сама не може да ги реши“, објаснувајќи дека тоа е заложба негова и на Браун, а ја изрази благодарноста на народот од САД за учеството на Британците во операциите во Авганистан и Ирак. За него посетата во Европа е значајна, иако, како што рече, сигурно таа ќе предизвика пад на неговиот рејтинг кај американските гласачи, затоа што „некои прашања со кои се соочуваат САД не ќе може да се решат ефикасно, ако Американците немаат партнери по светот“. Обама одбегна да ги коментира критиките за тоа дека го копира поранешниот американски претседател, Џон Кенеди, зборувајќи во Берлин, како и тој во времето кога градот беше поделен со бетонски ѕид на источен и западен, а Европа разделена со зелена завеса во два идеолошки различни блока, но од пред Даунинг стрит 10 му порача на Мекејн дека „и тој ги менува позициите за тоа што да се прави со актуелните кризни жаришта“, без разлика што се прикажува себеси како поискусен во меѓународната политика.



Една тркалезна маса организирана во Би-Би-Си за престојот на Обама во Лондон, како и за тоа што тој го прави „поразлично од другите“, покажа дека некоја голема разлика или промена, на која инсистира штабот на сенаторот од Илиноис, нема, не само со позициите на Мекејн, туку и со администрацијата на сегашниот претседател Џорџ Буш. За Авганистан сите се согласуваат дека нема попуштање пред побуната на Талибанците, во Ирак сите зборуваат дека работата треба да им се препушти на Ирачаните, иако Обама сега од повлекување веднаш, зборува за 16 месеци, а Мекејн (и Буш) за продолжување на ангажманот додека не се заврши работата.

Обама и во Лондон го потсетуваат дека околу Блискиот Исток направил повеќе „лупинзи“, зашто прво зборуваше дека треба да се преговара со Хамас, но за време на својот престој во регионот, само еден час помина со Палестинците, а сите други 23 со Израелците, посетувајќи го градот што од Газа се ракетира, но не покажувајќи интерес да оди и да види што се случува во појасот со кои управува Хамас. До пред некој месец „проарапски настроениот“ демократски кандидат, сега зборува за нераскинливите специјални врски на САД и Израел и за Ерусалим како неподелен град, забележуваат лондонските критичари на надворешно-политичките ставови на Обама, објаснувајќи дека засега постариот Џон Мекејн се држи за првичните принципи.

Последните мерења во САД покажуваат дека двајцата противкандидати, по европската турнеја на Обама, се изедначени во клучните сојузни држави, а дека во другите води демократскиот кандидат 1 до 6 отсто предност.


Статијата е прочитана 597 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Во два одвоени напада загинаа 45 лица во Индија
Турците со симпатии гледаат на шеријатот
Русија остро го критикува Буш зашто ги изедначи нацизмот и комунизмот
Виктор Јушченко почнува црковна војна со Москва
Две жени ќе собореле авион сакајќи да отворат врата
Педи Ешдаун смета дека БиХ е блиску до распаѓање
Хамас ќе се одмаздува за убиен милитант
Адвокатoт на Караџиќ тактизира со екстрадицијата во Хаг
Иран јавно обеси 29 криминалци