Во два одвоени напада загинаа 45 лица во Индија
Малку познатата група „Индиски муџахедини“ ја презеде одговорноста за нападот во саботата
ЊУ ДЕЛХИ - Големите градови во Индија вчера беа во состојба на зголемена готовност поради стравувањата од нови напади, откако најмалку 46 лица загинаа во експлозиите кои за два дена потресоа чувствителен град во западниот дел и јужен центар за информатичка технологија.
Најмалку 16 бомби експлодираа во индискиот град Ахмедабад во државата Гуџарат во саботата, при што загинаа најмалку 45 лица, а 161 беа повредени, еден ден откако во друга серија експлозии во Бангалор загина една жена. Уште две неексплодирани бомби беа пронајдени во градот Сурат, еден од најголемите центри за дијаманти во светот лоциран во државата Гуџарат, јави полицијата.
Малку познатата група „Индиски муџахедини“ ја презеде одговорноста за нападот во саботата во Ахмедабад. Истата група јави дека извршила бомбашки напади во мај во кои загинаа 63 лица во западниот град Џајпур. Невообичаено е некоја група да преземе одговорност, но Индија истакнува дека постои сомневање дека милитантни групи од Пакистан и Бангладеш стојат зад бранот експлозии последниве години, чии цели се од џамии и хинду светилишта до возови. „Целата земја, вклучувајќи ги големите градови во Индија со подземни железници се ставени во состојба на зголемена готовност и е побарано да ја зајакнат безбедноста на локалните институции“, јави портпарол на Министерството за внатрешни работи.
Во Њу Делхи полицијата користеше мегафони и дистрибуираше летоци на преполните пазари предупредувајќи ги луѓето да внимаваат на непознат багаж и сомнителни предмети. Полицијата ги заштитува и хинду светилиштата во источниот град Колката.
Во Ахмедабад се случија две одделни серии експлозии, првата во близина на преполн пазар. Вториот бран на експлозии се случи 20 до 25 минути подоцна околу една болница, каде што загинаа најмалку шест лица, јави полицијата. Сите експлозии беа активирани со тајмери. (Ројтерс) |