Хамас ќе се одмаздува за убиен милитант
ХЕБРОН - Израелската армија вчера уби висок милитант на Хамас во окупираниот Западен Брег, што доведе до ветувања за одмазда од исламските владетели на појасот Газа. Примирјето, постигнато со посредство на Египет, меѓу Израел и Хамас во појасот Газа стапи на сила минатиот месец, но израелските напади врз милитантите во Западниот Брег предизвикаа ракетни напади од Газа врз јужните израелски градови. Со примирјето, кое не се применува на Западниот Брег, се повикува Хамас да ги запре ракетните напади во замена за постепено ублажување на ембаргото на Израел за осиромашената крајбрежна територија.
Во вчерашната операција во Хеброн израелските војници отворија оган врз куќата на 25-годишниот милитант на Хамас, Шихаб ал Натшех откако тој одби да се предаде и пукаше кон војниците, јавија локални жители. Подоцна воен булдожер ја урна куќата. Вооруженото крило на Хамас, Бригадата Из ел Дин ал Касам, вети дека ќе се одмазди за убиството. „Нашиот одговор ќе биде брз и болен“, се вели во соопштението. (Ројтерс) |