Огромен буџет за „лов“ на странски инвеститори

Мизо тврди дека, и покрај кризата, досега не се повлекла ниту една од компаниите со кои имаме меморандуми
Александар Пешев
Агенцијата за привлекување странски инвестиции активно ќе продолжи да „лови“ странски инвеститори, и покрај светската финансиска криза. Ова вчера го најави директорот на Агенцијата, Виктор Мизо, пред средбата што ја имаше со промоторите во странство.
Инаку, за работата на Агенцијата за странски инвестиции со буџетот за 2009 година се наменети дури 267,8 милиони денари или 4,4 милиони евра. Имајќи предвид дека буџетот предвидува 30 милиони денари или околу 490 илјади евра за поддршка на развојот на мали и на средни претпријатија, Агенцијата е во можност да добие речиси десет пати повеќе капитал од оној предвиден за малите и за средните бизниси во земјава.
Дали е оправдана оваа огромна сума на средства што идната година ќе ја добие Агенцијата за странски инвестиции, особено што во услови на криза се очекува дека ќе се откажат од намерата за инвестирање дури и сигурните вложувачи?
Првиот човек на Агенцијата, Мизо, тврди дека ниту една од компаниите со кои се потпишани меморандуми за разгледување на можностите за инвестирање, досега не се повлекла од земјава.
Според него, странските компании во овие услови сакаат стратегиски да се позиционираат на локации кои ги гледаат како атрактивни за инвестирање. „Постојат компании кои се финансиски посилни и кои се лидери во своите сектори. Тие гледаат во актуелниве моменти да се позиционираат на таков начин што би пронашле нови локации, кои по завршување на кризата ќе им дадат можности да бидат многу поконкурентни и финансиски посилни“, изјави Мизо.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции вели дека досега претставници од повеќе од 100 компании се заинтересирале за земјава, со цел разгледување на можностите за инвестирање. Компаниите биле од Италија, Германија, САД, Израел, Кина, Австрија, Холандија, претежно претставници на автомобилската индустрија, информатичката технологија, земјоделството, фармацијата, недвижниот имот, туризмот. Според анализите на Агенцијата, имало компании кои инвестициите ги сметале за несигурни насекаде, но има и компании кои тука гледале перспектива.
Мизо посочи дека македонските економски промотори имаат посетено повеќе од 5.000 компании. Директорот најави испраќање на пет нови промотори во Шпанија, Канада, Турција, Катар и во САД, кои ќе се приклучат на тимот од 18 промотори кои моментно работат на привлекување инвестиции и промовирање на Македонија во 17 земји.
Сепак, според Директорот на британскиот проект за поддршка на Агенцијата за странски инвестиции, Дејвид Бенкс, кризата ќе има ефект врз обемот на странските инвестиции во Македонија. Тој порача намалениот обем на странски инвестиции да не ги демотивира економските промотори. „Компаниите се повлекуваат, бидејки имаат проблеми со ликвидноста, што влијае на обемот на инвестициите“ рече Бенкс. „Сепак, сметам дека Македонија има добра приказна за раскажување, но за резултати треба повеќе време“, додаде тој. |