Реконструкцијата на мостовите продолжува во мај

НАТО и Владата во следните месеци ќе ги договорат приоритетните локации за санација
Проектот на НАТО за санација и реконструкција на мостови и патишта по должината на Коридорот 10 продолжува во мај следната година. По завршувањето на втората фаза од проектот во која беа реконструирани 20 моста на делницата од Демир Капија до Гевгелија, како и претходно реконструираните 29 моста од Блаце до Велес, следува завршната фаза во која за санација преостануваат уште 16 моста.
Моментно ниту во Министерството за транспорт и врски, ниту во штабот на НАТО во Скопје не прецизираат што точно на кои локации ќе се работи во третата фаза. Тоа засега е предмет на договарање, а може покрај 16 моста, од предвидените вкупно 65 за реконструкција, да се санираат и некои патни правци.
За тоа, велат во Министерството, ќе одлучат по консултациите со експерти од Градежниот факултет во Скопје. Неодамна, министерот Миле Јанакиески најави дека е веројатно Владата да побара и обнова на асфалтот на патниот правец Катланово - Велес.
Одговорните за односи со јавноста во штабот на НАТО, пак, велат дека третата фаза сигурно ќе почне да се реализира идната година, но што точно ќе биде приоритет за санација ќе се договара со Владата. Сите опции се отворени, проектите најмногу ќе зависат од барањата на Владата, но и од висината на средствата што ќе ги обезбеди НАТО. Планирани се 15 милиони евра за оваа фаза, но колку всушност ќе се соберат останува да се види, велат во штабот на НАТО. (С.Н.) |