Хрватска со 650 млн. евра за патишта
Македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и неговиот хрватски колега Божидар Калмета на средба во Загреб вчера разменија искуства во активностите за изградба на патишта и процедурите за нивно издавање под концесија. Министерот Јанакиески истакна дека Македонија се подготвува за спроведување проект за давање под концесија на седум патни правци, а хрватскиот министер за море, транспорт и инфраструктура го презентираше начинот на изградба на патишта во Хрватска, истакнувајќи дека во последните пет години се изградени 460 километри автопат. „За таа намена Хрватска годинава одвоила 650 милиони евра, а Владата на секои четири години носи нов план за изградба на патишта“, информираше Калмета. Според најавите од Јанакиески, македонската Агенција за патишта наредната година за изградба на патишта ќе одвои 130 милиони евра. Јанакиески информираше и за модернизацијата на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и на охридскиот „Св. Апостол Павле“ и за изградбата на европските коридори 8 и 10. (С.Н.) |