Измени за поефикасна борба со корупцијата
„Поефикасна борба против корупцијата ќе овозможат измените предвидени во новиот антикорупциски закон“, рече министерот за правда, Михајло Маневски, образложувајќи ги вчера новините пред пратениците од Комисијата за европски прашања.
„Ќе се прецизираат одредбите што се однесуваат на работата на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата“, нагласи Маневски. Тој кажа дека се предвидува мандат од четири години за членовите на Комисијата, со можност за добивање на уште еден. На избраните членови работниот однос ќе им мирува се' додека им трае мандатот во Антикорупциската комисија. Претседателот на Комисијата, пак, треба да биде избиран со мандат од една година, со можност да биде реизбран за уште еден мандатен период. Законот не може да им го продолжи мандатот на постојаните членови од Комисијата што се волонтери, а не професионалци.
„Препораките на ЕК во последниот извештај велат дека Антикорупциската комисија треба да биде повидлива и проактивна. Оттаму сметаат дека не е така, бидејќи членовите на Комисијата сега ја вршат функцијата волонтерски, а не професионално“, појасни Маневски. (Д.Р.) |