Сојузот на борците го губи имотот
Во Охрид го изгубија одморалиштето, дали сега е на ред зградата во Скопје, позната како Дом на воени инвалиди
Светлана Унковска
Сојузот на борците на Македонија наскоро може да остане без своите простории, бидејќи Основниот суд Скопје 1 донел одлука да им биде одземен имотот во центарот на градот и да му се додели на Сојузот на воените инвалиди на Македонија. Иако претходно овој суд донел одлука во корист на борците, п�� барање на Сојузот на инвалидите за ревизија до Врховен суд, предметот е вратен на повторно судење и истиот суд сега одлучи поинаку.
Борците сметаат дека сето ова е еден вид атак и притисок врз нив, бидејќи не само што сакаат да им го одземат објектот познат како Дом на воените инвалиди, туку полека им се одзема и целиот имот што е во нивна сопственост. Неодамна биле изненадени и од судското решение за спорот поведен од државата за одземање на одморалиштето во Охрид. Како што тврдат, тој имот го купиле со сопствени средства и поради тоа за нив е нејасно по која основа државата реши да им го побара, а уште почудно е како судот донел решение да им го одзеде. СБМ на земјиштето што го откупил од приватни лица, за што има и документи, изградило одморалиште наменето за борците и за воените инвалиди. Но, и покрај сите докази за нивна сопственост, сепак, одлуката на судот била во корист на државата на која и' го доделува имотот. Борците сметаат дека овие решенија се политички.
„Ова е еден вид напад на СБМ, а донесените одлуки се политички. Од Конгресот наваму ние инсистираме на многу прашања и активности што не и' импонираа на власта и оттогаш таа како да се сврте против нас. За одморалиштето во Охрид не е јасно како судот и' го додели на државата, бидејќи тоа воопшто не е купено со државни пари, туку со средства на СБМ, што значи дека државата нема никаков удел. Сега се атакува да ни се одземе и објектот во Скопје“, се жали претседателот на СБМ, Тодор Атанасовски. Тој објаснува дека Домот на воените инвалиди е во нивна сопственост откако здруженијата на борците и на инвалидите се интегрираа во една организација. Во тие рамки и севкупниот имот на двете организации стана сопственост на единствената организација Сојуз на борците од НОАВМ. Во 1998 година се формира ново здружение на Сојузот на воените инвалиди, но официјално тие никогаш не излегле од рамките на СБМ и се' уште во нивните редови членуваат и воените инвалиди. Поради тоа, тие сметаат дека тоа новоформирано здружение нема право да го бара објектот што е во центарот на Скопје.
„Кога се здружија борците и инвалидите тие фактички преминаа во СБМ и, всушност, се наши членови. Инвалидската организација е составен дел на СБМ, бидејќи никогаш не излезе од рамките на борците“, истакнува Атанасовски. |