Маневски го избриша Селами
Со најновите законски измени, борците против корупцијата добија црвен картон за заминување
Катица Чангова
Министерот за правда, Михајло Маневски, го избриша претседателот на Антикорупциската комисија, Илми Селами. Актуелните борци против корупцијата добија црвен картон за заминување и сосема е извесно дека ќе останат покуси за една година од мандатот. Ова јасно произлегува од најновата, втора верзија на Законот за спречување на корупцијата влезена во собраниска процедура, но и дел од дневниот ред на парламентарната сесија закажана за 4 октомври.
Антикорупционерите тврдат дека е погрешен впечатокот во јавноста оти Владата се повлече од идејата за предвремено разрешување. Напротив, законски измени за кои нема здраво образложение се дури полоша варијанта од претходната. Доколку се усвојат и станат важечки од 15 октомври, а под претпоставка да се потрошат два и пол месеца во јавен оглас, пријавување и избор на кандидати, тогаш е извесно дека нова Антикорупциска ќе има на 1 февруари 2010.
„Министерот за правда е мајстор за правење дубари во законите“, вели шефот на Антикорупциска комисија, Илми Селами, коментирајќи ги измените. Притоа нагласи дека Владата стави рака на Комисијата со што создаде правна и институционална несигурност.
„Прашањето не е персонално. Се работи за здравјето на антикорупциското законодавство, бидејќи се отвора врата за разрешување на сите тела што не мислат како оние што се власт“, објасни шефот на Антикорупциска. Според него, нема потреба од двосмислени одредби. „Нека кажат јасно што сакаат. Ние сме подготвени да заминеме“, рече Селами.
Притиснати од нормите што не ги оставаат рамнодушни, а за кои ниту се информирани ниту, пак, консултирани, антикорупционерите признаваат дека изгубија од темпото на секојдневното работење. „Над глава ни виси закон што се однесува на нашиот мандат. Тоа троши и време и енергија“, изјави Илми Селами. Тој кажа дека работат на крупни предмети, но во овој момент додека да дознаат каква ќе биде нивната судбина, не можат да ги откријат. „Не станува збор за храброст. Ако ги објавиме, можеби некого во Собранието ќе иритираме“, се правда Селами.
Првиот антикорупционер не сакаше да шпекулира дали лизгавиот терен на кој се најдоа откако стигна предлогот што носи брза смена за седумчлениот тим е одмазда за две крупни иницијативи, кои завршија онака како што бараа. Првата беше за разрешување на Ване Цветанов од функцијата директор на Управата за спречување перење пари што ја прифати Владата, а втората за двојните работни места и барањето за откажување на вмровските функционери од кумулацијата на моќ.
Антикорупциска комисија побарала да учествува во работата на собраниската Комисија за политички систем, на закажаната седница в понеделник, на која се дебатира за измените во антикорупциското законодавство. Тогаш ќе ги предочат нивните аргументи зошто е лошо да се прават смени во незавршен мандат. Единствена работа за која се согласуваат со законодавецот е дека членовите на Антикорупциската комисија функцијата треба да ја извршуваат професионално. Првиот удар за антикорупционерите беа скусените финансии, а ваквиот потег на Владата тие го оценија како обид за уништување на институцијата што се бори против корупцијата и криминалот во државата. |