Новинарите против повисока членарина
Здружението на новинарите да не ја спроведува одлуката предвидена со неодамна усвоениот Статут за зголемување на членарината од 600 денари на 1.200. Доколку не е можно тоа, тогаш да се овозможи новинарите членарината да ја плаќаат месечно, по 100 денари. Ова се барањата што вчера до ЗНМ ги испорача неформалната група новинари „Прво новинарско востание“. Тие сметаат дека доколку нивните барања не се прифатат, тогаш ќе веруваат оти ЗНМ не сака вистински да се реформира.
„Целиот ангажман на ’Првото новинарско востание‘ е насочен кон тоа да ги анимира колегите за што помасовно учество на изборното собрание на 20 ноември. Со тоа ќе се тргне лошата слика за ЗНМ како затворена институција зад која стои мала група, која новинарите не ја доживуваат како своја. Но, зголемувањето на членарината за 100 отсто во ситуација кога новинарите се социјално загрозени, раѓа сомневање за вистинските намери за реформи на ЗНМ. Заложбите ќе се доживеат само како желба едното раководство да биде заменето со друго, но со помалку сведоци“, истакна уредникот во телевизија Алсат, Тамара Чаусидис.
Одлуката за двојно зголемување е скандалозна, смета новинарот на А1, Мишко Иванов.
„Ова само ги подгрева информациите што кружат во последно време за тоа дека практично некој сака да го ’намести‘ изборното собрание за избор на ново раководство“, вели Иванов. Со ова се согласува и новинарот на Сител, Драган Антоновски, кој уште еднаш нагласи дека ЗНМ ќе им се врати на новинарите единствено кога ќе се имаат предвид и овие аспекти.
Делегатите на ЗНМ на Годишното собрание, што се одржа во вторникот, не беа информирани дека членарината се зголемува за 100 отсто. (Св.У.) |