Пустош во Желино
Тетовската економска зона најавена како почеток на стопански бум во полошкиот крај се' уште е гола ледина
Гојко Ефтоски
Ископачен овоштарник од јаболка и вишни, поставен песок на импровизирана патека од околу еден километар, израснати високи треви, преграден бетонски ѕид, билборд на влезот, по некоја змија или куче-скитник. Тоа е сликата на тетовската економска зона, најавена како почеток на стопански бум во полошкиот крај. Поминува и второ лето без нешто да се работи. Застанато е и на инфраструктурното уредување, кое требаше да биде готово најдолго за една година, а за кое Владата одобри 5,7 милиони евра. Нема никакви сигнали за вложување во индустриски капацитети, ниту, пак, може нешто да се забележи на терен. Се' е оставено така, на запустена површина за која жителите на најблиската населба Сараќино тврдат дека е најплодна во Полог.
„Барем да останеше овоштарникот што даваше квалитетни јаболка и вишни. За неископачените, кои се на двете страни од песочната патека, никој не се грижи. Жално е тоа што толку голема обработлива и најплодна површина остана запустена“, велат жители на Сараќино.
„Оваа зона е предвидено да опфати простор од околу 95 хектари и да вклучува 27 блока кои ќе овозможат изградба на објекти за производство, дистрибуција и сервисни услуги. За таа цел во првата фаза од изградбата е предвидено да се инвестираат околу 5,5 милиони евра. Локацијата н�� која се наоѓа зоната беше внимателно избрана со цел да се овозможат оптимални услови за брзо приклучување кон постојната инфраструктура, а со тоа и брза оперативност на самата зона“, вети премиерот Никола Груевски во јуни минатата година пред голем број стопанственици и граѓани. И тогашниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Марјан Јованов, нагласи дека локацијата била избрана поради сообраќајната поврзаност со Коридорот 8 и близината на скопскиот аеродром, поради можноста за поврзување на инфраструктурните водови и изградба на самостоен систем за водоснабдување. А, пред се', поради близината на двата полошки града. „Ако се' оди според планираното, се надеваме дека првите корисници на Тетовската индустриска развојна зона ќе можеме да ги поканиме кон крајот на идната година“, оптимистички најави Јованов.
И другите владини претставници не штедеа во набројувањето на придобивките од тоа што на овој простор, во месноста Рупа, на дофат на Тетово, во непосредна близина на комплексот „Петрол компани“ ќе никне индустриска област со 35 фабрики или производни погони и дека тука ќе се вработуваат од седум до десет илјади работници. Според замислата, требаше да се гради јавна државна зона во која Владата се јавува како регулатор, инвеститор и оператор. Се тврдеше и дека уште пред да биде објавен јавен повик, интерес пројавиле шест странски компании, меѓу кои се спомнуваа фирми од Турција, Норвешка, САД, од Хонг Конг.
Сега, по повеќе од една година може да се констатира дека останале само ветувањата и дека во месноста Рупа се' е во застој. Роковите веќе се поминати, а нема најави дека наскоро ќе се случи нешто, иако изминува времето и за втората градежна сезона. Во Стопанската комора на западна Македонија потврдуваат дека имало интерес за економската зона, дека и домашни фирми се подготвувале да вложуваат и да отворат свои капацитети. „Меѓутоа, таму работите се во застој. По фрлањето на првата лопата, работите се закочија, а дознаваме дека и сите имотноправни односи не се решени“, истакнуваат во Комората.
Семејството Халили од Џепчиште со судско решение докажува дека има право на денационализација на нива со површина од над 11,5 декари и дека води постапка пред надлежните органи за остварување право на сопственост. |