За личен банкрот се „зрели“ 40.000 Хрвати
До крајот на годината Хрватска ќе добие закон за личен стечај со кој ќе воведе личен банкрот, кога должник и неговиот доверител не се во состојба да ги плаќаат своите обврски
Подготовката на Предлог-законот за личен стечај се' уште не се придвижила од „почетните основи“ што ги донесе Владата во почетокот на годинава. Работната група задолжена за изработка на предлогот на тој закон ќе почне со конкретна работа по годишните одмори за да може законот да биде усвоен до крајот на годинава. Тоа го најави Озрен Матијашевиќ, претседател на Хрватското здружение на синдикати (ХУС), кое има свој претставник во работната група и кое воведувањето на институтот за личен банкрот го заговара уште од 2008 година. Во ХУС сметаат дека со воведување личен банкрот би се олесниле влијанијата на тешката економска криза врз личните и семејните финансии на многубројни хрватски граѓани.
Основните поставки за воведување личен банкрот, меѓу другото, е дека стечај може да прогласи должник кој веќе не е во состојба да ги плаќа своите обврски, но и негов доверител. Покрај тоа, спроведувањето на таа постапка претпоставува дека на должникот и на доверителот ќе му остане време и можност да постигне договор пред неформалните тела, како што се советувалишта или центри за помирување, за намирување на долгот, репрограмирање на обврските и составување план за отплата. Но, ако должникот останал без работа и примања потребни за отплата на долгот, постапката продолжува пред судовите, а имотот на должникот се продава на лицитација за да се намират долговите. Критериумите според кои се дефинира кој и во какви ситуации може да прогласи личен стечај треба допрва да се одредат.
Меѓутоа, како што смета Матијашевиќ, самото донесување на законот не е проблем. Како и во многу случаи досега, ако не се извршат сите потребни подготовки, проблематична ќе биде примената на законските одредби за личен банкрот. „На пример, се' уште не е лоциран кругот на квалитетни и способни луѓе чија работа ќе биде контрола на спроведувањето на постапката за личен стечај“, вели Матијашевиќ, додавајќи дека меѓу тие луѓе би требало да се најдат експерти, како што се социолози и психолози.
Според некои процени, за прогласување личен банкрот во Хрватска се „зрели“ околу 40.000 граѓани. Но, многу економски експерти предупредуваат дека ако личниот стечај не се спроведува многу внимателно и според многу строги критериуми, илјадници луѓе би можеле да станат социјални случаи, да останат без станови и куќи и да завршат на улица.
Во развиените земји, како што се Швајцарија, САД или Франција, личниот банкрот полесно се спроведува, едноставно затоа што е полесно да се најде работа отколку во Хрватска. Со тоа поголема е веројатноста должникот да може да ги почитува одредбите за репрограмирање на долговите и договореното темпо на нивна отплата.
Иако, начелно го поддржуваат личниот стечај, банкарите предупредуваат дека не треба да се третира како „ас од ракав“ што ќе донесе спас во форма на простување или олеснување на отплатата на долговите, туку како „излез во крајна нужда“. Простувањето на долгот евентуално би можело да се случи во ситуација кога банката не проверила дали нејзиниот должник се наоѓа на црната листа пред да му одобри кредит, како што е случај во Белгија.
Дека личниот банкрот во Хрватска не е идеално решение смета и економистот Анте Бабиќ. „Не разбирам како би требало да функционира личниот стечај кога државата и јавните претпријатија не плаќаат навреме“, вели Бабиќ, додавајќи дека личниот банкрот, во земја во која јавните и приватните претпријатија, но и граѓаните се финансиски и економски, главно, неодговорни никако не е добро решение. (Слободна Далмација)
Француски модел
Законот за презадолженост во Франција е воведен пред 20 години, а институтот за личен банкрот дури пред шест години. Премногу задолжената личност прво поднесува барање до жупаниското поверенство, кое годишно во просек прима околу 180.000 барања. Во повеќето случаи, доверителите и должниците договараат план за отплата пред поверенството, а на крајот дури околу 20.000 Французи се решаваат за личен банкрот. Имено, тогаш се одзема имот, освен облека, дел од мебел и автомобили, ако се докаже дека тоа им е потребно за извршување на работата, односно остварување приходи. Работната способност на должникот му се враќа и долговите се бришат дури по пет или седум години на уредно извршување на стечајниот план.
Словенечко искуство
Словенија го воведе личниот стечај во октомври 2008 година, па до јануари 2010 година стечај прогласија 500 луѓе поради долг од 50 милиони евра. Во Словенија на должникот што останал без стан му се дозволува да остане во него под услов да му плаќа наемнина на својот сопственик. |