Металург ја заверува двојната круна
Новиот ракометен првак е фаворит на финалниот турнир на женскиот Куп во Автокоманда викендов
Роберт Димитриевски
Улогата на Кометал Ѓорче Петров до минатата година на домашната сцена сезонава на најдобар пат е да ја преземат ракометарките на Металург, кои на веќе обезбедената шампионска титула викендов сосем извесно ќе го додадат и трофејот од Купот на Македонија. Домаќинот на завршниот турнир од 18. издание на ова натпреварување во второто денешно полуфинале од 17,45 ч. за противник ќе го има прволигашот Гевгелија, а во првото сито за финалето од 15 ч. ќе се најдат суперлигашите Леов Бартек и Кале Кичево.
Тимот од Автокоманда во Скопско Суперлигата беше убедлив и против велешанки и со кичевки, така што составот на Крсто Петрушевски ќе биде апсолутен фаворит кој и да му биде противник во мечот за куп-титулата в недела од 17,45 ч. Металург го има совладано Леов Бартек со 37:24 на гости во седмото коло, потоа со 47:20 во 14. коло дома и со 38:22 во 21. коло повторно во својата сала. Полуфиналистот во Челинџ купот против Кале Кичево, пак, има четири високи победи: 28:19 како гостин во второто коло, 28:23 дома во деветтото, 32:27 на гости во 16. круг и 37:19 во вторникот во Скопје.
Првиот полуфинален дуел ќе го судат Ацо Николовски и Ѓоко Колевски, вториот Марија Илиева и Силвана Карбеска, а финалето Васил Чавдаров и Зоран Наумовски.
Ѓорчепетровки имаат 16 триумфи во Купот на Македонија, а доминацијата им ја прекина само Вардар во 1994 година.
ТЕНКА ПРЕДНОСТ ЗА БУКСТЕХУДЕ
Противникот на Металург во полуфиналето на Челинџ купот, Букстехуде, на реваншот од четврт-финалето на плејофот во Бундеслигата попладнево во Бломберг ќе патува со предност од три гола по победата во првиот меч на домашен терен од 25:22. Металург ќе му гостува на Букстехуде в среда со минимална позитива од првата средба од 22:21.
ПЕЛИСТЕР НЕ ГО ДАВА 3. МЕСТО
Ракометарите на Пелистер со тешко издвојуваната победа од 30:29 со голот на Везенковски во самиот финиш од натпреварот од 22. коло против Тинекс Пролет во Скопје се задржаа на третото место на ВИП Суперлигата. Остана и предноста на битолчани од еден бод во однос на директниот конкурент Винарска визба Тиквеш, која дома го декласира МРК Вардар со 38:23.
Бранителот на титулата Вардар про во СРЦ „Кале“ го совлада Златен даб со 30:23, а лидерот Металург во Автокоманда ја „прегази“ Преспа со 42:20.
Табела: Металург 63, Вардар про 57, Пелистер 38, ВВ Тиквеш 37, МРК Вардар 27, Т. Пролет 22, Златен даб 18 и Преспа -1.
ПОЛУФИНАЛЕ ЗА НИКОЛОВ/НАЧЕВСКИ
Македонската судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски ќе ја делат ракометната правда во возвратниот натпревар од полуфиналето во машкиот Куп на ЕХФ меѓу швајцарски Кадетен и Флензбург што ќе се одигра на 1 мај во Шафхаузен.
Марјан Начевски, пак, утревечер во Букурешт ќе биде делегат во првиот меч од полуфиналето на Купот на куп-победниците меѓу Стеауа и Гранолјерс. |