Порази на Кливленд и на Лејкерси
Чикаго го доби третиот меч со кавалирси со 108:106 и намали на 2:1, а тоа го стори и Оклахома со триумфот од 101:96
Чикаго успеа да го порази Кливленд со 108:106 и да намали на 2:1 во серијата до четири победи во воведната плеј-оф рунда во источната конференција. Но, мечот можеше да има и поинаков епилог. Со тројката на Мо Вилијамс кавалирси имаа половина кош негатива на три секунди до крајот, домашните погодија едно слободно фрлање, а Ентони Паркер се обиде од средина на терен да му обезбеди триумф на Кливленд со звукот на сирената меѓутоа беше непрецизен.
Добра партија прикажа Дерик Роуз. Забележа 31 поен и седум додавања, друштво му правеа Кирк Хајнрих со 27 коша, Денг вметна 20, дабл-дабл ефект оствари Јоаким Ноа (10 коша, 15 скока). Во поразената екипа најистакнат, вообичаено, беше Леброн Џејмс со 39 поени, 10 скока и осум асистенции, Џејмисон го заврши натпреварот со 19 поени и 11 скока.
„Малку ја закомплициравме ситуацијата со големиот број промашени слободни фрлања. Но, за среќа, брзо се помиривме со тоа и се вративме во мечот. Во завршницата го сторивме она што се очекуваше од нас. Важно ни беше и Кирк да разигра, а тој одработи фантастични 40 минути“, порача тренерот на „биковите“, Вини дел Негро.
Пораз на гости забележаа и кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс. Оклахома славеше со 101:96 и намали на 2:1 во серијата до четири победи против бранителот на шампионскиот прстен. Составот на Фил Џексон водеше 36 минути, имаше и двоцифрена разлика, но тандерси кон крајот на третиот период целосно се вратија во средбата и на почетокот на последниот за првпат и поведоа. На 4,5 минути до крајот дури имаа и плус 8 (90:82) и во завршницата, од линијата за слободни фрлања, мирно го завршија дуелот.
Дурант, шутерски, не брилијираше. Погоди 8 пати од 24 обиди, но постигна вкупно 29 коша кон кои додаде и 19 скока, Расел Вестбрук забележа 27 поени и 8 скока. Брајант, на спротивната страна, повторно беше голем потрошувач на топки (10/29). Постигна 24 коша и осум пати асистираше, Пау Гасол додаде 17 поени и 15 скока.
Резултати: Оклахома - Лос Анџелес Лејкерс 101:96 (Лос Анџелес Лејкерс води со 2:1 во серијата до 4 победи), Портланд - Феникс 89:108 (Феникс води со 2:1), Чикаго - Кливленд 108:106 (Кливленд води со 2:1). |