Судијата Олегарио и Мурињо биле косопственици на ресторан
Шпанските медиуми продолжуваат да ја бараат причината за, според нив, пристрасното судење за Интер против Барселона
Сите оние што гледаа заклучија дека Интер заслужено ја совлада Барселона во првиот полуфинален меч од Лигата на шампиони. Но, и тие што навиваат за Интер признаваат дека судијата Олегарио Бенкуеренса направи барем една голема грешка на сметка на Барселона, а можеби и две.
Голот на Милито беше постигнат од офсајд, а сомнителен беше и стартот на Снајдер над Дени Алвеш во шеснаесетникот на домаќините. Сепак, минатата година судијата Овребо ја турна Барса кон финалето во мечот со Челзи, па сега никој не е претерано незадоволен што сметките се израмнети, но Каталонциите, сеедно, и натаму се бесни.
Копаа, копаа и открија дека можеби судењето на Португалецот било со желба да се оштети шпанскиот тим. Имено, „Спорт.ес“ откри дека Мурињо и Бенкуеренса се пријатели веќе 10 години, а радиостаницата ЦОМ Радио дознала дека двајцата Португалци биле сопственички тандем на еден мал ресторан „О Менино“.
Судијата има прекар крадец, а го добил пред шест години кога го судел првенствениот меч меѓу Порто и Бенфика, кога не свирнал чист пенал за Бенфика. Секако, на клупата на Порто тогаш беше Мурињо. Доволно за сомнеж, ако не за нешто друго.....
Лапорта: Ни треба едно епско
враЌање
Претседателот на Барселона, Хуан Лапорта, смета дека Барселона ќе биде најголемиот тим во историја на фудбалот, ако со епско враќање против Интер обезбеди финале во Лигата на шампионите. Барса, како што е познато, влегува во реваншот со негатива од 1:3.
„Ако на овој тим нешто му недостасува тоа е епско враќање, историски момент кој ја крева самодовербата, не само на тимот, туку и на цела Каталонија“, кажа Лапорта, кој не сака да го коментира судењето на првиот натпревар.
„Не зборувам за судиите. Интер одигра одличен меч, како што го одработи и Жозе Мурињо. Пред нас се нови 90 минути на „Ноу камп“. Навивачите очекуваат победа и пласман, но пред се очекуваат вистинска Барселона“. |