И мажите ги „тресе“ климакс
Основната причина за машкиот климакс е намалувањето на машкиот хормон тестостерон
Јасмина Јовановска
И мажите ги „тресе“ климакс. Како и жените што влегуваат во менопауза, така и припадниците на посилниот пол влегуваат во критичната возраст кога полека "попушта" нивниот организам. Како пресвртница, лекарите ја сметаат 45. година. Па, не е ништо необично што и мажите кога ќе ја поминат оваа возраст, некои повеќе, а некои помалку, се лошо расположени, страдаат од несоница, пуштаат стомак, а им се намалува и сексуалниот апетит.
Медицинските истражувања покажуваат дека околу една третина од мажите кога ќе наполнат 45 години од мачомени се претвораат во чичковци. Се проценува дека во светот проблеми со ерекцијата имаат околу 150 милиони мажи, односно дека по 40-тата година околу 50 отсто од мажите страдаат од еректилна дисфункција.
Основната причина за појавата на машкиот климакс е намалувањето на машкиот хормон тестостерон, истакна на Меѓународниот конгрес за урологија и андрологија на тема „Разбуди го мажот“, што неодамна се одржа во Брисел, проф. Клаудио Шулман, уролог од а Универзитетската клиника во Брисел. Кај мажите над 40-тата година, според научните сознанија, хормонот тестостерон се намалува за околу еден отсто годишно. Низа истражувања, пак, укажуваат дека тестостеронот во телото на 80-годишните мажи е на помалку од половина од тој што го имаат 20- годишните.
Д-р Шулман додава дека нивото на тестостеронот толку се намалува што мажите повеќе и да немаат потреба да се бричат. „Со текот на годините мускулите се олабавуваат и физичката сила се намалува. За сметка на тоа се зголемуваат масните ткива“, објаснува проф. д-р Шулман.
Но, дефицитот на тестостеронот не само што го расипува расположението и сексуалниот живот, туку делува и на целокупната здравствена состојба на мажите. Лекарите укажуваат на постоење врска меѓу намалувањето на нивото на машкиот хормон, промените во циркулацијата на крвните садови, хипертонијата, дијабетесот, кои со едно име се познати како метаболичен синдром.
Тие се и основните заболувања кои доведуваат до поголема смртност кај мажите. А за нив сигнализира еректилната дисфункција. Медицинските стручњаци се' уште спорат дали појавата на метаболичниот синдром води кон намалување на нивото на тестостеронот, или пак дефицитот на машкиот хормон го иницира метаболичниот синдром.
Мажите најчесто и не знаат дека боледуваат од некое од овие три заболувања. Тие обично дознаваат за нив дури кога ќе се пожалат дека имаат проблеми со ерекцијата. Лекарите објаснуваат дека еректилната дисфункција нејчесто е сигнал за некое од овие заболувања, односно мажот доаѓа да го реши проблемот со ерекција, а се утврдува дека за неа причина е некое од трите заболувања од метаболичниот синдром. „Мажот кога доаѓа на лекар најчесто се жали дека има проблеми со ерекцијата. По кратки испитувања се открива дека има дијабетес или страда од хипертонија, а најчесто од затнување на крвните садови“, вели д-р Шулман.
На конгресот по сескуална медицина, стручњаците се согласија дека последните години се забележува зголемување на бројот на мажите кои страдаат од недостиг од тестостерон. Затоа и не треба да зачудуваат епидемилошките прогнози дека до 2010 година две третини од мажите ќе имаат здравствени проблеми како последица на зголемување на хормоналното дисбаланс. Стручњаците уште велат дека кај мажите владее тивка епидемија на еректилната дисфункција. Но, таа може да се реши само доколку проблемите се откријат навреме. "Треба јасно да се утврди дали проблемите со ерекцијата се последица на некое од метаболичните заболувања или, пак, се јавува поради намалувањето на нивото на тестостеронот", укажаа стручњаците на конгресот. Ако е во прашање дефицит на машкиот хормон, специјалистите препорачуваат заменска хормонална терапија.
„Од фармацевтската компанија 'Баер- Шеринг фарма' предлагаат многу добар препарат што ќе ја подобри психоемоционалната состојба на мажите - се зголемува либидото, се подобрува расположението, а им се враќа и радоста во животот“, ги коментираше можностите на современата хормонска медицина, д-р Шулман. Според него, доколку во тек на три месеци се прима хормонска терапија, нивото на тестостеронот се покачува, и со тоа на мажите им се враќа желбата за секс, како и самодовербата. |