Поглед
Струја „од ракав“
Маја Томиќ
Колку струја ќе ни треба в година? Исто колку што трошевме годинава, помалку или повеќе? Обичниот граѓанин не знае. Но, пострашно е што и надлежните, оние кои мора да имаат визија и да направат прецизни пресметки за потребите од струја, исто така, немаат поим. Многу непрофесионално и несериозно. Пред почетокот на секоја година треба да се знае колкави се вкупните потреби на струја на сите консументи и колкав увоз ни треба. Иако на крајот на секоја година, горе-долу, излегува дека, или помалку се испланирало, а повеќе се потрошило, или обратно. Но, овој пат, во годината што следува, изгледа ќе биде вистинска кармакаша. Предлог- билансот од Министерството за економија нема точни информации за вистинските потреби на струја. Екипите од Министерството признаа дека го подготвиле текстот со податоци од компаниите од август. Оттогаш досега металургиските компании паднаа во незавидна ситуација поради кризата и затоа најавија преполовени потреби за струја. Во ист сос се и текстилните фабрики.
Експертите признаа дека погрешиле и ветија дека ќе направат корекција на билансот. Според она што го изработија, на Македонија во 2009 ќе и' бидат потребни 9.052 гигават-часа струја, или за 4,58 отсто повеќе од 2008 година. Зголемувањето најмногу се должи на барањата на „Силмак“ (!?), кој побарал за 42 отсто повеќе струја. А, во моментов речиси не работи и струја му треба ептен малку.
Последиците од лошите процени можат да бидат катастрофални и да направат хаос на пазарот: недостиг или вишоци на струја, малку реализиран увоз, или увозна струја што нема да ни треба, а ќе ја платиме скапо. Последиците ќе ги сносиме сите, но за грешките треба да одговараат виновниците. |