Браќата од Дебар осудени за тероризам во САД
Серпил Татар, сестрата на на Сердар Татар со солзи ја дочека пресудата
Поради плановите да ја нападнат воената база Форд Дикс, петмина осудени соочени со казна доживотен затвор
КАМДЕН – Петмина муслимански имигранти, меѓу кои и тројцата браќа Дритан, Шахин и Елвир Дука од Дебар, се осудени за заговор и планирани терористички напади во САД. Според одлуката на Федералниот суд, петтемина планирале напади на воената база Форт Дикс, како и на други витални објект во САД, за што би можеле да добијат доживотна казна затвор. Казната на петтемина, кои беа приведени во 2007 година, ќе им биде соопштена во април.
Шневер, такси-возач по потекло од Јордан, Сердар Татар - работник во продавница, роден во Турција, и браќата Дритан, Елвир и Шаин Дука од Дебар, кои имале бизнис за покривни материјали, се прогласени за виновни за заговор да се убие американски воен персонал. Според американските медиуми, тројцата браќа се осудени и за поседување оружје, но се ослободени од обвинението за обид за убиство.
Петтемина, кои илегално со години живееле во Филаделфија и во околината, според обвинителите, ја избрале базата Форт Дикс, која се користи, главно, за обука на резервисти за должности во Ирак. Целта била „да убијат колку што е можно повеќе американски војници“.
Судот за време на процесот не успеал да докаже поврзаност на петтемина имигранти со други терористички организации. Иако на судењето било истакнато дека конспираторите биле инспирирани од Осама бин Ладен, тие не се обвинети за поврзаност со надворешни терористички групи.
Адвокатите на одбраната, како што пишуваат медиумите, тврделе дека наводниот заговор, всушност, бил само разговор и дека петтемина не планирале ништо сериозно, туку биле манипулирани и испровоцирани од двајца платени информатори на ФБИ.
Фетин Шн��вер, мајка на обвинетиот Мохамед Шневер, вели за американските медиуми дека информаторите треба да бидат затворени. „Не мојот син и неговите пријатели. Тоа не е в ред, не е праведно. Владата испрати некого да го натера да каже нешто, тоа е тоа“, изјавила таа по пресудата.
Според официјалните информации, цел на нападот на обвинетите била базата Форт Дикс во Њу Џерси, но тие, исто така, вршеле надгледување на Форт Монмаут во Њу Џерси, воздухопловната база Довер во Делавер и други воени објекти и разговарале за напад на некои од тие места.
„Тие криминалци биле способни и извршиле подготовки за сериозна и тешка повреда на припадниците на нашата војска“, рече Ралф Мара, актуелен американски јавен обвинител за Њу Џерси, по изрекувањето на пресудата.
Меѓутоа, некои муслимански лидери во Њу Џерси го оспоруваат тоа, тврдејќи дека групата не планирала да направи никакви напади. „Мислам дека дејствувале бесмислено, како да мислеле дека целата работа е шега“, ја пренесуваат медиумите изјавата на Мохамед Јонс, претседател на Американската муслиманска унија.
Тоа дека значајна улога во целиот случај одиграл владиниот информатор смета и Џим Сјус, извршен директор од Советот за американско-исламски односи од Њу Џерси, според кого „многу луѓе од муслиманската заедница ќе го гледаат ова како случај на поставување замка“.
Едногодишната истрага започна кога вработен од продавницата „Сркит сити“ го извести ФБИ дека некои клиенти побарале од него да префрли на ДВД видеоснимки на кои се гледа како пукаат со оружје и повикуваат на џихад. ФБИ ангажирала двајца информатори, странци кои илегално влегле во САД и имале кривични досиеја, да се спријателат со петтемина. За информациите што ги прибирале им било ветено дека ќе им платат и ќе помогнат да добијат легален престој во ветената земја.
За време на судењето, кое траеше осум недели, биле преслушани бројни информации добиени од информаторите, кои тајно снимиле стотици разговори. „Обвинителите истакнаа дека лицата купиле неколку пушки за напад, снабдени од ФБИ и дека заминале на планината Поконо во Пенсилванија за да вежбаат пукање. Владата, исто така, презентираше десетици џихадистички говори и видеоснимки кои лицата, наводно, ги користеле како инспирација“, пишуваат тамошните медиуми.
Членовите на поротата кои не сакале да ја коментираат пресудата пред новинарите, лиферувале соопштение во кое делумно се вели дека „ова е една од најтешките работи со кои некогаш сме се соочиле“. Ниту еден од петтемина не сведочеле пред судот за делото за кое се осудени. Казните за браќата од Дебар ќе бидат соопштени на 22 април, а за другите двајца осудени на 23 и 25 април идната година. (според агенциите) |