Заборски: Златото од Вроцлав за континуитет на успесите
„Македонија оствари континуитет во освојувањето на медали на големите натпреварувања. Сите наши репрезентативци се претставија во одлично издание. Задоволството од постигнатите резултати е големо ако се има предвид дека не можевме да сметаме на повредените Иво Цветковски, Сашко Арсовски, Ване Гонев и Ардита Исени. Во една таква ситуација сметам дека го дадовме оптимумот и го постигнавме максимумот", изјави селекторот на македонската карате репрезентација, Бошко Заборски, по враќањето од Светското универзитетско првенство во Вроцлав, Полска, каде нашите натпреварувачи освоија на два медала.
Злато блесна на градите на нашиот женски ката тим во состав Тамара Рибарска, Сања Николиќ и Марија Гудеска, а со бронзен медал во борби, во категорија до 70 килограми, се врати Сашко Патраклиев. Во кати во поединечна конкуренција Тамара Рибарска заврши на петтата позиција, а идентичен пласман оствари и Наташа Илиевска во борби во категорија до 53 килограми.
Од забележителните резултати на македонските репрезентативци на шампионатот во Вроцлав се' и оние на Ферат Корбуличи (борби до 75 килограми), Жарко Арсовски (борби над 80 килограми) и мажи екипно во најтешката категорија. (С.Д.)
|