Ватерполистите наградени со 20.000 евра
Осмото место на ЕП во Малага, сепак, не ја води Македонија директно ни на СП 2009 ни на ЕП 2010
Роберт Димитриевски
Македонската репрезентација во ватерполо ќе подели 20.000 евра како награда од Агенцијата за млади и спорт за освоеното осмо место на неодамнешното Европско првенство во Малага. Новите спортски херои на Македонија, кои го остварија најголемиот успех на една наша машка селекција на големите натпреварувања, ги прими новиот директор на АМС, Драган Ѓурчевски, кој вчера и официјално ја презеде функцијата од пратеникот Ивица Георгиевски.
„Горд сум што мојот прв медиумски настап е токму со ватерполистите, кои во Шпанија забележаа голем успех. Се надевам дека и понатаму ќе жнееме победи. Покрај висок пласман, посакувам во иднина да освојуваме и медали на европските првенства. АМС со изградбата на новите базени ќе го поттикне раѓањето нови таленти во овој спорт“, изјави Ѓурчевски.
„Кога пред една и половина година го почнавме овој проект многумина не веруваа дека ќе се пласираме на ЕП. Но, успеавме да направиме историски резултат, не само за ватерполото. Првпат цела Македонија зборуваше за ватерполо и затоа горд сум на овие луѓе. Се надевам дека нема тука да застанеме и оти ќе бидеме редовни учесници на големите натпреварувања“, оптимист е претседателот на Пливачката федерација на Македонија, Зоран Алексов.
Задоволство и кај „шпанските борци“, кои во евродебито ја искачија Македонија над велесилите Русија, Грција и Романија, како и над тимот на Словачка.
„Се чувствувам како пионер во изградбата на ватерполо спортот во Македонија. Последен му се придружив на овој проект и среќен сум дека успеавме. Јас сум најсвеж Македонец во оваа екипа, но се чувствувам горд со тоа што го направивме за оваа земја. Овие момчиња и мене пријатно ме изненадија, и како луѓе и како спортисти. Не' водеше песната на Тоше, која ни беше еден вид химна“, открива селекторот Љубиша Мечкиќ.
Капитенот Сашко Поповски дополнува дека пред секој натпревар се бодреле со извикот „Кој е најдобар? Македонија!“. Игор Милановиќ, пак, е среќен што со своите 16 години беше најмладиот учесник на ЕП во Малага.
Осмото место, сепак, не води директно ни на Светското првенство в година во Рим ни на ЕП 2010 во Загреб. Европската ватерполо федерација ЛЕН потврди дека со пласманот во Шпанија виза за мундијалот што ќе се одржи од 18 јули до 2 август 2009 изборија Црна Гора, Унгарија и Хрватска, покрај Србија како освојувач на годинашната Светска лига и домаќинот Италија. На ЕП од 3 до 12 септември 2010, пак, од учесниците во Малага директно се пласираа Црна Гора, Србија, Унгарија, Италија, Германија, Шпанија и организаторот Хрватска. |